Очекувам да имаме комуникативна дискусија, бидејќи сите партии јасно се декларираат дека се проевропски, односно дека во нивните програмски цели е членството на Македонија во ЕУ, изјави лидерката на политичката партија ДОМ, пред вратите на Собранието каде што се очекува во секој момент да започне лидерската средба.
– Не очекувам дека денеска ќе се постигне договор, имајќи ги во предвид изјавите од опозицијата дека тие бараат дополнителни гаранции за промена на Уставот, но добро е заеднички да разговараме за стратешки прашања важни за државата и за народот. Не знам кои се гаранциите кои опозицијата ги бара, па потоа можеме да дискутираме кој може тоа да го обезбеди – рече Морачанин пред влегувањето на закажаната лидерска средба во Собранието.
Таа смета дека условувањата никому не носат добро, бидејќи темата на денешната средба е европската интеграција на земјава.
– Ова барање на опозицијата за предвремени избори датира уште од локалните избори. Фокусот треба да ни биде ставен на предбродување на економската криза. Наша заложба како ДОМ е овие реформи неопходни за државата, поинтензивно да се спроведуваат во државата – изјави меѓудругото лидерката на ДОМ.