Во израелските воздушни напади врз станбени блокови во јужниот дел на Газа денеска загинаа најмалку 32 Палестинци, откако Израел повторно ги предупреди цивилите да се преселат оти нападот врз Хамас го насочува кон југот на енклавата, јави Ројтерс.
Израел претходно испрати предупредување до Палестниците во градот Кан Јунис, град со повеќе од 400.000 жители на југот на појасот Газа, да се евакуираат и да бидат поблиску до хуманитарната помош, навестувајќи дека планира да го нападне Хамас и во овој дел од палестинската територија.
Ваквиот потег ќе принуди стотици илјади Палестинци, кои избегаа на југ од израелскиот напад врз градот Газа, повторно да се преселуваат.
– Бараме од луѓето да се преселат. Знаеме дека ова не е лесно за многумина, но не сакаме цивилите да се најдат во вкрстен оган – изјави Марк Регев, советник на премиерот Нетанјаху.
Регев рече дека израелските сили ќе мора да влезат во градот за да ги истераат борците на Хамас од подземните тунели и бункери, додавајќи дека ваква инфраструктура не постои во помалку населените области на западот.
– Бидејќи западните области се поблиску до граничниот премин Рафа, ќе има услови хуманитарната помош побрзо да стигне до цивилите – додаде Регев.
По израелското бомбардирање на голем дел од урбаното јадро на енклавата, се раселија околу две третини од 2,3 милиони Палестинци во Газа. Многумина од оние што побегнале стравуваат дека бездомништвото може да биде трајно.
Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, ги критикуваше континуираните напади на Израел врз Газа, нарекувајќи ги „сè повеќе неоправдани“, јави ДПА.
– Нападите на Хамас и другите вооружени групи против Израел, во кои загинаа 1 200 луѓе и беа земени над 200 заложници, се целосно неоправдани. Но, нивото на израелскиот одговор изгледа сè понеоправдано. Сведоци сме на уништување на човечки животи и имот во ужасни размери – рече Тедрос во видео-обраќање пред Генералното собрание на ОН.
Додека војната влегува во седмата недела, Израел за првпат дозволи цистерни со гориво да влезат во Газа. Според Стејт департментот, планирано е во Газа да влегуваат 140.000 литри гориво на секои два дена, наменети првенствено за камионите кои доставуваат хуманитарна помош и за агенциите на ОН кои обезбедуваат вода и санитарии.