Монасите од Бигорскиот манастир раскажуваат какви навреди и закани трпеле низ годините

Lorita
By Lorita 5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

На нашето општество одамна му треба реформа на вредностите, поточно враќање кон вредностите. Да почнеме отсега, зашто вредни ни се животите на нашите деца и на секој поединец, се вели во реакцијата на Свештената бигорска обител, во која се посочува дека Љупчо Палевски-Палчо, кој редовно го напаѓал и владиката Партениј, бил потпомогнат и од лица од црковните кругови.

Во писмото на свештениците од манастирот Свети Јован Бигорски се вели дека државата, институциите, интелектуалната маса, разните организации и заедници треба да изградат систем што веднаш ќе ги санкционира и ќе ги отфрла политикантите, шарлатаните, лажните патриоти, клеветниците и сејачите на омраза.

„Меѓу тие, ќе повториме, има и такви од црковните кругови, коишто, исто така, општеството, државата, народот, а најпрво и самата Црква, треба да ги повикаат на одговорност. Да потсетиме, неколкумина од црковниот клир, како и некои ‘верници’, активно учествуваа во ширењето на лажен патриотизам и во заканувачките конструкции, полни со лаги и измислици, што се ширеа преку јавните настапи на првоосомничениот во монструозното убиство. Па дури и му помагаа да отвори свои ограноци во некои градови, за преку кампањата за ‘спасување’ на Црквата да стекне поголема гледаност и повисок политички рејтинг.

Eдна од поглавните опсесии на посочениот убиец во текот на последните 2-3 години беше токму и нашиот старец и духовен татко, владиката Партениј, а преку него и целата наша монашка заедница, како и некои луѓе, наши пријатели, браќа и сестри. Какви ли само навреди, закани и гадости се изнаслушавме од тој мракоподобен човек и од некои негови приврзаници! Дури и отворени повици за протерување, тепање и бесење.
И преку социјалните мрежи, но и преку лични контакти. Почнавме да се чувствуваме загрозени, небезбедни, да живееме во неизвесност, во агонија. И говоревме, пишувавме, апелиравме да се преземат мерки, за да не дојде до нешто пострашно, но, за жал, нашите повици не беа услишани од нашето општество. Ни паѓа тешко што и сега, при анализите на злоделата на првоосомничениот монструм, не се посочува и страдањето на коешто беа подложени и лица од Црквата, нешто што се спроведувше преку крајно негативната и невистинита кампања, што, меѓу другото, беше поддржана и од странски фактор, добро познат по своите деструктивни иницијативи и потези кои го уриваат напредокот на нашата држава кон подобри услови за живеење. И не е страшното тоа што ние бевме постојана мета на напади. Страшното е што се допушти да настрада една невина девојка во цутот на својата младост.

Но тука има и уште едно етичко прашање. Што со оние соработници на тој демонизиран убиец – меѓу кои, за голема жал, има и извесни личности од црковните кругови, кои го поддржуваа во неговата злоба, му доставуваа клеветнички информации, го поттикнуваа на разни начини да го врши делото сатанско – злословието и омразата? Ќе има ли одговорност и за нив, или едноставно ќе дозволиме и понатаму да се шири канцерот на злобата во нашето општество? Ќе дозволиме ли одговорноста за сиот тој пир на злото да ја понесе само главниот антагонист, а не и тие што нарачуваа напади, што ја потпалуваа атмосферата, што во лукава притаеност мотивираа“, се вели во јавното обраќање на Свештената бигорска обител.

Во писмото тие прашуваат зошто нашето општество дозволи да се толерираат такви штетници да шират омраза, да блујат разни навреди и клевети, да се расфрлаат отворено со разни закани, меѓу кои и со убиства, зошто такви декадентни луѓе стануваат обрасци за следба, примери кои ни стануваат идоли и на крајот зошто мораше да се чека да дојде до едно вакво страшно злодело, та да се отрезниме и да почнеме да бараме мерки.

Одговорноста паѓа, повеќе или помалку, врз сите нас, сите сме одговорни за ерозијата на општеството“, велат свештениците од овој манастир.

Share This Article