Министерството за надворешни работи му одговори на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев кој денес во интервју за БТВ побара прецизно објаснување од официјално Скопје пред да разгледува можност за ново вето кон Македонија.
„На 6 мај, на граничниот премин Ново Село, „поради неисполнување на условите за влез во Република Северна Македонија, согласно законот за странци, не било дозволен влез на група од петмина државјани на Република Бугарија“.
Дополнително би сакале да нагласиме дека во оваа група со која патувал и европратеникот Андреј Ковачев, имало лица за кои во Министерството за внатрешни работи има сознанија дека претставуваат ризик по јавниот мир и безбедност. Европратеникот Ковачев не е меѓу нив, но надлежните служби донеле таква одлука поради групата со која патувал.
Секој европратеник кој го почитува достоинството на државата и нејзините граѓани е добредојден во Северна Македонија“, објаснија од МНР.
Оттаму велат дека процесот за членство во ЕУ не е доведен во прашање како што тврди Ковачев.
„За Владата на Северна Македонија приоритетно прашање е членството во ЕУ. За таа цел се ставени на располагање сите владини и административни ресурси за успешно завршување на скрининг процесот и отворање на првиот кластер – фундаменти.
Паралелно, се работи и на уставните измени кои влегуваат во клучна фаза, каде за кратко време работната група треба да излезе со предлог амандманите. Сензитивноста на овој процес не остава простор за преземање на најмал ризик кој би влијаел негативно на успешното спроведување на измените“ – се вели во соопштението од МНР.