Многу граѓани наседнале на измамата што деновиве кружи како СМС порака наводно испратена од Македонски пошти.
Една госпоѓа на социјалните мрежи сподели дека од сметката ѝ биле одземени 850 евра.
„Ако добиете ваква порака од Пошта за плаќање данок никако не плаќајте. Ми собраа 850 (100, 250, 250, 250) евра додека чекав да се слушнам со Банката за да блокираат и да поднесат за рекламација“, објави таа на Фејсбук.
Други граѓани на социјалните мрежи сведочат дека им биле одземени по 500-600 евра. Многумина од нив чекале нарачки преку Али експрес и поверувале во пораката која гласела дека треба да уплатат царина за да ја добијат нивната нарачка. Пораката овојпат е испраќана од број од Франција.
Стотици граѓани во Македонија деновиве добиле СМС порака која е наводно испратена од Пошта за повторна испорака и нарачка што подлежи на царина. Линкот од пораката ве води до место каде што ви бараат да ги оставите вашите лични податоци како име, презиме и број на трансакциската сметка од каде измамниците ќе ви одземат пари.
Внимавајте, ако добиете ваква или слична порака, дури и ако чекате пратка од странство, не го отворајте линкот и веднаш блокирајте го телефонскиот број.
Подолго време во континуитет граѓаните добиваат лажни пораки за пратки од странство во кои се бара да променат адреса а во спротивно пратките ќе бидат вратени или дека пратката подлежи на царина од 1,99 евра.
Лани од „АД „Пошта на Северна Македонија“ објавија дека не стојат зад овие објави и дека секое неовластено претставување во име на Пошта на Северна Македонија претставува класична злоупотреба и е предмет за кривична и друга законска одговорност.