Народната банка ги повикува сите заинтересирани млади истражувачи да поднесат свој труд на Конкурсот за Годишната награда за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2023 година, којшто беше објавен во јули на интернет-страницата.
Крајниот рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2023 година, додека право на учество имаат сите државјани на земјава на возраст до 35 години, кои не се вработени во Народната банка и не се членовите на Советот. Авторите имаат право да конкурираат на Конкурсот за избор на најдобар труд и со труд што веќе бил објавен, но не пред 1 јануари 2021 година.
Трудовите се поднесуваат до Народната банка по електронски пат на е адресата: konkurs@nbrm.mk. Доставените трудови и информации ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер. Конкурсот, критериумите според кои ќе се вреднуваат трудовите и инструкциите за пријавување се објавени на веб-страницата на Народната банка на следнава врска: https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-konkurs-za-dodeluvane-godisna-nagrada-na-narodnata-banka-na-republika-severna-makedonija-za-2023-godina.nspx.
Годишната награда на Народната банка за прворангираниот труд изнесува 100.000,00 денари. Но, доколку Одборот за оценување процени дека второрангираниот труд е исто така со квалитет близок до прворангираниот, Народната банка може да додели и втора награда, во износ од 50.000,00 денари. По оцена на Одборот, може да биде доделена и само втора награда или воопшто да не биде доделена Годишната награда, доколку се утврди дека ниеден од трудовите не ги исполнува потребните услови.
Народната банка постојано ја поттикнува научно-истражувачката мисла во областа на макроекономијата и банкарството. Покрај Клубот на истражувачите, каде што истражувачите имаат можност да ги презентираат своите трудови, Годишната награда за млади истражувачи е дополнителна алатка на Народната банка за мотивирање на младата популација за унапредување и развој на истражувачката и аналитичката работа во областа на економијата.