„Писмо до Америка“ кое наводно го напишал лидерот на Ал Каеда, Осама Бин Ладен, во 2002 година нашироко го споделуваат младите Американци на ТикТок, пренесува Њузвик. Во писмото се спомнува дека САД имаат вина во „мачењето на Палестинскиот народ“, а многу луѓе на социјалните мрежи коментираат дека „тој беше во право“ и дека писмото е релеватно денес во екот на војната на Израел против Хамас.
Њузвик пренесе извадоци од писмото кое оригинално го објави Гардијан, иако Гардијан подоцна ја избришал статијата без објаснување. Во документот прегледан над 1 милион пати на ТикТок се вели:
„Создавањето и продолжувањето на (државата) Израел е едно од најголемите злосторства, а вие сте водачи на неговите криминалци. Секој човек чии раце се загадени во придонесот за ова злосторство мора да ја плати својата цена и тоа дебело да плати“, напишал Бин Ладен во 2002 година.
Терористот роден во Саудиска Арабија потоа вели дека на Палестинците мора да ја имаат својата одмазда заедно со народот на Авганистан. Според него, оправдание за тоа што загинаа повеќе од 3.000 американски граѓани во нападите од 11 септември е тоа што САД, наводно, имале улога во угнетувањето на Палестинците и муслиманите.
„Американскиот народ е тој што ги плаќа даноците што ги финансираат авионите што нè бомбардираат во Авганистан, тенковите што ги напаѓаат и уништуваат нашите домови во Палестина, армиите што ги окупираат нашите земји во Арапскиот Залив и флотите што обезбедуваат блокада на Ирак“, напишал Бин Ладен и додал:
„Затоа американскиот народ не може да биде невин за сите злосторства извршени од Американците и Евреите против нас“.
Њузвик не може да потврди дали писмото кое го виделе над милион млади Американци на ТикТок е автентично, додека од Гардијан за Њузвик изјавиле дека „преписот објавен на нашата веб-страница во 2002 година беше широко споделен на социјалните мрежи без целосен контекст. Затоа, решивме да го отстраниме и да ги насочиме читателите кон написот за вести што првично го контекстуализираше“.
Бин Ладен, син на богат саудиски бизнисмен, ја основал Ал Каеда, во превод „базата“, во 1988 година по повлекувањето на Советскиот Сојуз од Авганистан, конфликт во кој тој се борел.
Под негово раководство, групата започна неколку смртоносни напади и бомбардирања во различни земји, вклучувајќи ги и нападите на 11 септември 2001 година, каде терористите киднапираа четири авиони во источниот дел на САД, уривајќи три од нив врз двете кули на Светскиот трговски центар во Њујорк и Пентагон во Арлингтон, Вирџинија.
Четвртиот авион се урна во поле во Пенсилванија. Во октомври истата година, Бин Ладен беше додаден на листата на најбарани терористи на САД.