Мунбин, К-поп-ѕвездата и член на машкиот бенд „Астро“, почина на 25-годишна возраст, објавија денеска во неговата музичка куќа и јужнокорејската полиција.
Младиот пејач беше пронајден мртов во својот дом во јужниот дел на Сеул доцна во средата, изјави портпаролот на Националната полициска агенција за АФП, додавајќи дека обдукцијата ќе ја утврди причината за смртта.
Јужнокорејската новинска агенција Јонхап, цитирајќи неименуван полициски функционер, објави дека властите се сомневаат во самоубиство.
И издавачката куќа на Мунбин, „Фантагио мјузик“, ја објави неговата смрт денеска и побара од фановите „да се воздржат од шпекулации и злонамерни информации“ за неговото семејство да може да му оддаде почит на мир.
Објавата на издавачката куќа предизвика илјадници коментари од ожалостените фанови. Многумина изразија неверување.
Мун Бин, кој настапуваше како Мунбин, беше актер и модел пред да се приклучи на бендот „Астро“ во 2016 година, а исто така настапуваше и со подгрупата „Мунбин и Санха“.
Под сјајот и гламурот, индустријата на К-поп е позната по жестоката конкуренција, недостатокот на приватност, онлајн малтретирањето и немилосрдниот притисок на јавноста.
Во последните години на сличен начин умреа неколку млади К-поп ѕвезди, под сомнение дека се самоубиле.
Меѓу нив е и Гу Хара која почина во 2019. Девојката била злоставувана од нејзиното поранешно момче кое откако раскинале ја уценувало за заеднички видеоснимки со секс.
ФОТО: Инстаграм