More

    Младиот Милатовиќ ќе го испрати Ѓукановиќ во пензија?

    spot_img

    Иако актуелниот претседател на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, како кандидат на Демократската партија на социјалистите на вчерашниот прв круг на претседателските избори освои најмногу гласови, мала е веројатноста дека во вториот круг тој ќе ја задржи функцијата, велат познавачите на политичката состојба во Црна Гора.

    Според прелиминарните податоци на Државната изборна комисија, на вчерашните избори во Црна Гора, најмногу гласови (35,2) освоил Ѓукановиќ, а во вториот круг оди и Јаков Милатовиќ од Движењето Европа сега, кого го поддржаа 29,2 отсто од гласачите.

    Иако Ѓукановиќ постигна подобар резултат во првиот круг, предизборната математика говори во корист на Милатовиќ, кому засега недвосмислена поддршка му искажаа третопласираниот на изборите Андрија Мандиќ и актуелниот премиер на техничката влада и лидерот на Граѓанското движење УРА, Дритан Абазовиќ. Милатовиќ беше поддржан и од Социјалистичката народна партија, која во првиот круг немаше свој кандидат, туку го поддржа Мандиќ.

    Поддршката синоќа прв ја соопшти Андрија Мандиќ од Демократскиот фронт, за кого гласаа 19,3 отсто, кој отворено ги повика своите приврзаници да гласаат за кандидатот Милатовиќ и на вториот круг на 2 април.

    – Вечерва во име на ДФ му давам целосна поддршка на Милатовиќ и ги повикувам сите граѓани на Црна Гора да го поддржат. Нашите гласачи, секој до последен, да излезат и да гласаат за Милатовиќ, без разлика дали тој ќе ја почитува нашата поддршка – изјави Мандиќ.

    И премиерот Дритан Абазовиќ недвосмислено го поддржа Јаков Милатовиќ и рече дека текот на кампањата, денот на изборите и конечното објавување на резултатите од претседателските избори претставуваат голема победа за демократијата во Црна Гора.

    „Би сакал да им честитам на сите учесници во изборниот процес за нивната политичка коректност и прилично конструктивен пристап во последните денови, со посебен акцент на Јаков Милатовиќ, кој има нашата искрена и недвосмислена поддршка за непречена победа во вториот круг“ – се вели во соопштението на Граѓанското движење УРА на Дритан Абазовиќ.

    Демократскиот кандидат на претседателските избори во Црна Гора, Алекса Бечиќ, кој доби речиси 11 отсто поддршка, на првата прес-конференција по затворањето на гласачките места конкретно не кажа кого ќе поддржи во вториот круг.

    Кандидатката на Социјалдемократската партија (СДП), Драгиња Вуксановиќ Станковиќ, поднесе оставка од функцијата претседател во таа партија и истакна дека со тоа ја презела одговорноста за изборниот резултат – добила 3,2 отсто од гласовите. Таа му ја честиташе победата на Мило Ѓукановиќ, но не одговори конкретно дали ќе го поддржи во вториот круг. Од нејзината партија велат дека по опсежни консултации ќе одлучат дали и кого да поддржат во вториот круг од претседателските избори.

    Според аналитичарите, овој развој на настаните му остава мали шанси на Ѓукановиќ да привлече поголем број гласови во вториот круг.

    – Ако одиме по проста математика, сите други гласачи се на страната на Милатовиќ. Ова не мора да значи поддршка во вториот круг. Јавната и најсилна поддршка за Милатовиќ дојде од Мандиќ. Сепак, Ѓукановиќ има околу шест проценти повеќе од него, но шансите во вториот круг се во рацете на Милатоциќ. Се чини дека Ѓукановиќ не ја менаџира ситуацијата кога се во прашање претседателски или парламентарни избори. Овој пат сè е во рацете на други – изјави Деспот Ковачевиќ од Факултетот за политички науки за Еуроњуз Србија.

    На изјавата дека Албанците вчера не излегоа масовно, Ковачевиќ вели дека нивната мала излезност покажала дека Ѓукановиќ нема многу сила во таа заедница.

    Дека пред Ѓукановиќ е тешка борба станува јасно и од огласувањето на ДПС. Генералниот секретар на оваа партија Александар Богдановиќ изјави дека изборниот резултат на претседателскиот кандидат Мило Ѓукановиќ е очекуван и дека сега ќе следат динамични активности и целосна мобилизација на гласачкото тело. Останува да се види дали таа „целосна мобилизација“ може да биде доволна за победа во вториот круг, со оглед на тоа што, хипотетички, за Ѓукановиќ да остане без мандат доволни се само гласачите на Андрија Мандиќ, кој недвосмислено го поддржа Милатовиќ.

    Кој е Јаков Милатовиќ?

    Јаков Милатовиќ (37), еден од лидерите на Движењето „Европа сега“, е големото изненадување на овие избори. Тој е економист, кој бил министер за економија и развој во владата на премиерот Здравко Кривокапиќ од 2020 до 2022 година. За неговиот приватен живот нема многу информации. Неговата сопруга Милена при самото гласање привлече големо внимание во јавноста со својот ведар лик и одмерен стил.

    Милатовиќ во медиумите е претставен како пристоен и семеен човек „без дамка во кариерата и животот“, кој потекнува од семејства на добар глас, и по мајчина и по таткова страна. Велат дека е вреден и неуморен, грижлив сопруг, посветен татко на три деца, две ќерки и син.

    Според имотниот лист, Милатовиќ поседува стан од 46 квадрати што го купил, а заедно со сопругата се косопственици на стан од 68 метри квадратни, кој го отплаќаат на кредит. Милатовиќ има 85.000 евра во пензискиот фонд, а 7.000 евра на тековната сметка. Неговата сопругата има околу 3.000 евра на тековната сметка, а во декември заработила 909 евра. Милатовиќ поседува автомобил „рено меган“ од 2012 година, има станбен кредит од 70.500 евра, кој го враќа на месечни рати од 452 евра.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img