Го слушам Али Ахмети како ме напаѓа на митинзи дека ќе сме ја однеле Македонија во Русија. Го разбирам дека има желба да се натпреварува со најсилниот – со ВМРО-ДПМНЕ и мене. Но, ќе изгуби во таа битка. Непријатно ќе бидат изненадени кога ќе видат како ќе има гласови за ВМРО-ДПМНЕ во чисти етнички албански средини, изјави денеска на митинг во Сарај лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски
-Кога зборувам за криминалот на ДУИ и кога зборувам за криминалот на првенците во ДУИ тие ме обвинуваат дека сум бил антиалбанец затоа што сум го обвинувал Али Ахмети дека неговиот мит на идеолог падна со правиот момент кога одлучи неговиот сват да вози ролс ројс додека народот во Сарај, во Чаир, во Тетово, во Гостивар, едвај крпи крај со крај. Кога неговиот внук за десетици милиони евра одлучи да купува трговски центар во центарот на Скопје, кога семејството на Артан одлучи низ градовите во Македонија да купува имоти вредни десетици милиони евра и кога го поставував прашањето од каде пари за сето тоа – рече Мицкоски.
Тој вели дека тие обвинувања го мотивираат да продолжи да се бори против криминалците во политиката, без разлика дали тие биле Албанци, Македонци, Бошњаци, Турци Срби, Власи, Роми.
-Мојата единствена цел е конечно во Македонија да изгрее сонцето и сите криминалци во политиката кои што се богатат на нашиот грб без разлика на нивната етничка и верска припадност да одговараат за сето она што им го сториле на граѓаните. Ќе продолжам да се борам затоа што криминалот нема етничка припадност – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски рече и дека во програмата на ВМРО-ДПМНЕ се планирани 250 милиони евра за општините.
-ВМРО-ДПМНЕ има намера да вложи 250 милиони евра од буџетот кон општините за проекти кои што ви се вам важни, неколку милиони евра планираме да инвестираме овде во Сарај, и го повикувам градоначалникот да изготви проекти – рече Мицкоски.
Тој додаде :
-Да си го поставиме прашањето сите ние до кога ќе го трпиме овој артаноиден цикличен режим. Се додека сум во политиката ќе се борам за чесност, за правда без разлика на етничката припадност. Доста е од луѓе кои што не делат затоа ве повикувам масовно да излеземе и на 24 април да гласаме за бројот 2 и на 8 мај повторно за бројот 2, гласајте за Гордана Силјановска Давкова и коалицијата „Твоја Македонија” предводена од ВМРО-ДПМНЕ.