Во ред се убавите зборови кои доаѓаат од политичари од Европската Унија, но ако толку навистина добро ни мислат нека го тргнат билатералниот спор со Бугарија од преговаачката рамка за Македонија – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во „Само интервју” на Канал 5.
Мицкоски за изјавата на германскиот канцелар Олаф Шолц посочи дека вакви убави зборови и вакви шармирања гледаме повеќе од две децении откако почна нашиот пат кон ЕУ со потпишување на Договорот за стабилизација и асоцијација или повеќе од три децении откако сме независна држава, но секогаш од нас се бараат отстапки.
– Секогаш во име на таа иднина ние правевме некакви отстапки и секогаш сме ние тие кои како народ, држава, политичари треба да прифатиме, да дадеме нешто во име на таа европска иднина, Тезата дека канцеларот Шолц, поентата му е дека не сака нови барања, верувам дека не сака, верувам и дека Борел не сака, но знам кој сака, а тие се јавија неколку дена претходно, Јотова и Радев, кои кажаа дека ова е само отворање на вратата на проблемите, а потоа има уште многу проблеми кои се прифатени, а кои се дел од Договорот и протоколот – рече Мицкоски.
Мицкоски изјави дека за да бидат македонските граѓани убедени во те убави зборови од ЕУ, еве на следниот состанок на Европскиот Совет нека донесат нов заклучок во кој ќе тргнат од драфт работната верзија на преговарачката рамка, бидејќи уште не е презентирана, оној дел каде што стои билатералниот договор со Софија.
– Бидејќи ниту еден кандидат за земја членка во ЕУ, таков услов немал. Да останеа Копенхагеншките критериуми, чуму имаше потреба да се става и билатералниот договор, ако навистина никој нема проблем со македонскиот идентитет, јазик? Правилото во ЕУ е правило на едногласност и сè додека постои имаме право да се сомневаме на добрите намери од Софија, рече Мицкоски.
Тој рече дека четири недели ѝ дале шанса на власта да избере еден од неговите предлози за решение на спорот со Бугарија, но додаде дека од денес тоа не важи, само избори се решение.
– Двете опции кои ги понудив на лидерската средба беа на маса до овој момент, до оваа емисија сè уште не слушнав одговор од страна на Ковачевски, која од двете опции ги прифаќа, дали првата – (уставни промени) со одложено дејство, па да видиме, или втората – предвремени парламентарни избори. Од денеска има само една опција на маса, а тоа е предвремени парламентарни избори – изјави Мицкоски во гостувањето во „Само интервју” на Канал 5.
Мицкоски во однос на преговори со ЕУ рече дека очигледно дека не само што не преговараме, туку сме многу далеку од преговори.