Владата ќе ја преиспита одлуката за спојување на двете концесии за рудникот Иловица-Штука и ќе побара дополнитени информации од надлежното министерство – рече министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчовска на денешната прес конференција што се одржа пред просториите на ОО на СДСМ во Струмица, посветена на протестот што се одржа против отворањето рудник во овој регион.
Министерката Тренчовска додаде дека Владата предводена од СДСМ и надлежните институции нема да дозволат отворање рудник во Иловица без консулатација и одобрение од граѓаните, од локалното население, без запазување на целата постапка и без исполнување на сите стандарди за животна средина, согласно постојното законодавство усогласено со европското.
Тренчевска истакна дека Струмичкиот регион е земјоделски крај, а струмичкото плодно поле е егзистенција за илјадници семејства, а Владата преку ресорното министерство покажала и докажала како треба да се поддржи земјоделството и земјоделците.
– Имаме стопроцентна спроведена Ипард-2 програма во државата и први во регионот почнавме со реализирање на програмата Ипард-3 во вредност од 210 милиони евра наменети за сите сектори во земјоделството и руралниот развој. Тоа значи дека кога станува збор за земјоделството и здравјето на граѓаните нам како СДСМ тоа ние е највисок приоритет, подвлече Тренчевска, која заедно со министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, пратеници и советници од нејзината партија присустуваше на денешниот протестен собир против отворање на рудник во струмичко.
Во врска со денешниот протест и отворањето рудник во Иловица СДСМ денеска, како што вели во соопштение, „го реафирмира својот став, даден пред граѓаните на Босилово, Василево и Ново Село, во однос на постапката за отворање на рудник во Иловица и склучувањето на договорот за концесија од страна на Владата на Никола Груевски и ДПМНЕ, во време кога Мицкоски беше негов советник“.
„Ставот на СДСМ по однос на отворањето на рудникот во Иловица е ист со ставот на граѓаните од струмичкиот регион! Струмичкиот регион е земјоделски крај. Струмичкото плодно поле е извор на егзистенција на илјадници семејства. Владата преку политиките и програмите на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство покажа и докажа како треба да се поддржи земјоделието и земјоделците“ – се вели во соопштението на СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ во соопштение оцени дека Владата ги споила концесиите за рудник во Иловица „по наредба на ДУИ“, и тврди дека Назиф Дестани, близок човек до владејачката ДУИ, е човекот кој ќе експлоатира бакар и злато во Иловица
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека рудникот Иловица е уште една бизнис зделка на ДУИ и СДСМ, а крајно лицемерие е тоа што министер од владата која ја донесе одлуката, најавил присуство на протестите. Според него тоа е „манипулациите и замачкување на очите на јавноста“.
– Доколку навистина Шукова, Ковачевски и СДС го слушаа мислењето и им беше важно здравјето на граѓаните немаше на владина седница да донесат одлука за отворање на рудникот Иловица. Замислете какво лицемерие, какви двојни стандарди, Владата носи одлука за спојување, а министерот во таа иста влада вели дека ќе биде денеска заедно со тие луѓе коишто протестираат. Па ако не се согласува со таа одлука може уште истиот ден да поднесе оставка – рече Мицкоски.