Има два типа на закани за кои сум информиран – едниот е директен, во смисла ќе ви се случи лошо вам и на вашите блиски ако поддржите избори, а вториот тип на закани е преку посредници на луѓе блиски до тие пратеници, нивни роднини и пријатели – изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на барање на Дојче веле да ја појасни својата вчерашна изјава.
– Се случуваат и брутални, бандитски притисоци од страна на криминални и неформални групи во форма на заплашувања, како директна порака од раководствата на СДС и ДУИ. Тоа се припадници на истите оние групи, кои непречено во овие шест години градат бизнис империја и се заштитени од прогон и допир на правдата. Тоа се истите оние луѓе кои полутајно се поздравуваат, а дел и јавно се фотографираат со истите водства од власта на партиски и други политички настани, имаат дебели полоциски досиеја и сѐ уште се на слобода и покрај десетици случаи за работа со недозволени материи, рекети и изнуди – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додава дека „добро е што поголем дел од нив се охрабрени да сведочат за тие притисоци, ја сфаќаат комплицираноста на состојбите и фактот дека изборите се единственото одржливо решение за излез од состојбите“.