Toa што го има преземено Владата како обврска за Коридорите 8 и 10Д ја стави Македонија во подредена положба, а цената која што Македонија ќе ја плати за коридорите ќе биде најмалку два пати повисока од таа која сега ја лиферува – предупреди лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во изјава по панел дискусија во Сојузот на стопански комори на Македонија.
– Како неминовна тема се наметна темата која што е присутна и актуелна во јавноста во овој момент, а тоа е големите инфраструктурни проекти меѓу кои што спаѓаат и оној кој што во последно време најчесто е присутен во јавноста, а тоа е деловите од коридорите 8 и 10Д.
Имавме можност да размениме мислење, да објасниме практично која е позицијата на ВМРО-ДПМНЕ, да предупредиме на опасностите кои што овој проект по себе ги има, но истовремено да потенцираме дека тоа што го има преземено од владата како обврска не само што ја става Македонија во подредена положба туку создава проблем и во следната цела деценија. Бидејќи онаа цена која што во јавноста како бројка се лиферува од страна на владата најмалку ќе биде 2 пати зголемена и тоа е содржано во оној договор во кој што ние како верзија го имаме, а неколкупати во минатото потенциравме дека го имаме добиено од свиркач, а до овој момент од страна на владата за сите оние информации кои што ги објавуваме, делови од тој договор не добивме демант односно не бевме демантирани дека тој договор и не кореспондира со вистинската верзија туку напротив тие влегуваат во дискусија и во дебата, со тоа само ја потврдуваат веродостојноста на договорот кој што го добивме ние од лице свиркач. Така што како ВМРО-ДПМНЕ дадовме преглед на нашиот поглед на актуелната економска ситуација во државата, можевме да разговараме и за делови од програмата која што ја опфаќа ВМРО-ДПМНЕ, но главен фокус беше ставен на овој проект за изградба на делови од коридорите 8 и 10Д, опасностите кој што тој во себе ги користи, но и подредената положба во кој што Македонија во моментот од страната на коалицијата ДУИ и СДСМ е ставена.
Така што еве уште еднаш ја повикувам јавноста будно да следи во периодот кој што следи бидејќи имаме отсуство на јавна дебата поврзана со овие големи инфраструктурни капитални проекти, ќе мораме на ваков начин да јавно дебатираме со владата – рече Мицкоски.
Тој го повтори ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека уставни измени во овој парламентарен состав и, како што рече, под бугарски диктат, ќе нема.
– Тоа за мене е затворена тема, и многупати сум го кажал мојот став и ставот на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. Во овој парламентарен состав и под овие услови, под бугарски диктат уставни измени ќе нема – рече Мицкоски.