Единствената давачка за која во моментот размислуваме е усогласување на македонското закодонавство со глобалниот корпоративен данок. Тоа подразбира дека сите компании кои глобално имаат приходи од над 750 милиони евра, за Македонија таа сума е над 10 милиони евра и профит над милион евра, мора да платат консолидиран данок на профит од 15 отсто, рече премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали Владата размислува за зголемувањето на придонесите за 0,7 отсто, како што предлага Фискалниот совет, со цел да се стабилизира пензискиот фонд.
– Кај нас има три типа такви компании. Првиот тип се оние кои користат даночни олеснувања и се во слободните економски зони, втори се оние кои користат даночни олеснувања, но се надвор од овие зони и третиот тип се компании кои даваат услуги на слободниот пазар, на пример Телеком, А1, Цементара, ЕВН итн. Тие мора да платат 15 проценти данок. Според македонскиот даночен систем данокот е рамен и изнесува 10 отсто. Што ќе се случи? Компаниите оствариле профит од 100 парички, од кои ќе платат 10 парички тука, во Македонија, а останатите 5 ќе мора да ги платат во матичната држава. Тоа не е фер. Ако тие профитираат од македонските граѓани, ако македонските граѓани ги плаќаат сметките, тогаш треба тие 15 проценти да ги плаќаат тука – рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека такво усогасување на даночната политика ќе се случи до крајот на годината. Владата, додаде тој, ги информираше компаниите кои ги исполнуваат овие услови и тие немаат против.