ВМРО-ДПМНЕ добило информации од свиркачи за случувањата на Клиниката за онкологија и ако се покажат точни, лидерот Христијан Мицкоски ќе ги пласира во јавноста.
– Морам да кажам дека преку свиркачи добиваме многу сведоштва, документи… Еден таков случај, документиран прилично темелно и јасно, добивме пред неколку дена. Сега го истражуваме и анализираме. Случајот се однесува за сега, не за минатото. Анкетната комисија го опфаќа периодот до 2020 година, јас зборувам за случај од 2023 година – рече Мицкоски.
Тој додаде дека сѐ уште се проверуваат информациите од свиркачот и доколку се потврдат лично тој ќе излезе во јавност со тие информации.
– Ако тоа се потврди, тогаш навистина можам да кажам дека имаме работа со монструми, а не со луѓе кои и покрај ова што се случува и покрај епскиот скандал тие повторно продолжуваат со злоупотреби кои имаат нечовечки размери. Ние планираме со ова да излеземе во јавност и имаме намера на обвинителството да му отвориме сериозна работа бидејќи гледаме дека истрагата во МВР се калкулира, се препелкаат. Ние имаме намера да ја преземеме работата во свои раце и да одиме до крај – нагласи Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Општина Лозово во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените!“.