„Ова е последната шанса. Јас знам дека можеби и ВМРО-ДПМНЕ во минатото имало по некоја грешка. Никој не е идеален, но никогаш тие грешки не биле катастрофални и девастирачки како тоа што го правеа владите на СДСМ“.
Ова го порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред граѓаните во општина Зелениково барајќи ја нивната поддршка за парламентарните и претседателските избори. Тој посочи дека порано се празнеле селата и си оделе младите, но денеска после 7 години власт на СДСМ и ДУИ се празнат и градовите, но си заминуваат и цели семејства.
– Живееме во едно политичко мочуриште во кое што за жал граѓаните се чувствуваат дека се граѓани од втор ред. Имаме неколкумина околу Али Ахмети кои се дел од ДУИ и неколкумина нивни измеќари кои се дел од СДСМ кои што се задоволуваат со по некоја коска, некој наместен тендер и молчат и така функционираат како граѓани од прв ред, небаре Македонија ја наследиле од нивните предци, а останатиот дел без разлика на етничката или политичката припадност се чувствуваат како граѓани од втор ред, обесправени, засрамени, опљачкани и затоа најголемиот дел од нив одлучуваат да ја напуштат Македонија – вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и додава:
– Порано се празнеа селата, па велевме Македонија е празна, селата се празни, денеска тоа е стара вест, селата одамна се празни, сега почнуваат и градовите да се празнат. Младите си заминуваат, 8 од 10 мои студенти одлучуваат после дипломирањето да заминат надвор од Македонија. Но, можам да кажам дека и тоа е стара вест, сега веќе и луѓе во средни години од 40, 45 или 50 години заедно со своите семејства го пакуваат животот во неколку куфери и заминуваат да почнат нов живот далеку од Македонија. Таа е суровата реалност во која денеска ние живееме – рече тој.
Мицкоски истакна дека од ветениот живот и од едно општество за сите кои го ветуваше СДСМ денеска тоа се претвори во општество за неколкумина.
– Од тоа едно општество за сите и живот за сите, паролата се претвори во општество за неколкумина. И практично сè што ветија направија спротивно. Го разочараа народот – оценува Мицкоски.