Сум за тоа да се градат односи и мостови со соседите, и да се почитуваме. Не можеме да бидеме добри соседи ако немаме почитување, изјави премиерот Христијан Мицкоски и додаде дека државата ги признава Бугарите и нивните права во земјава.
Тој денеска преку новинарско прашање одговори на изјавите на бугарскиот претседател Румен Радев и на Бојко Борисов, лидер на ГЕРБ и победник на последните избори во Бугарија.
– Жалам што од страна на источниот сосед доаѓаат вакви пораки. Јас мислам дека ваквите пораки се дел од средниот век, но во современа Европа во 21 век постоеле вакви политичари како Радев. Јас сум подготвен да седнам и со едниот и со другиот. Му посакувам на Борисов да ја формира владата, затоа што доаѓаме од Европската народна партија. Но, исто така источниот сосед треба да знае дека поминаа времињата на политичари кои виткаа кичма и коленичаа, и потпишуваа сѐ што им беше ставено на маса, а во исто време со европско знаме го ограбуваа народот. Треба да се навикнат на политичари кои работат деноноќно, и политичари кои немаат намера да виткаат кичма, немаат намера да потпишуваат сѐ и сешто, туку политичари кои се подготвени да разговараат врз основа на документи и факти. Сум за тоа да се градат односи и мостови со соседите, и да се почитуваме. Не можеме да бидеме добри соседи ако немаме почитување. Не е добрососедство ако едната страна е понижена, а другата страна ликува. Тоа не е добрососедство, тоа е срам за едната, а другата страна не ја исполнила својата цел – рече Мицкоски на отворање на училиште во Драчево.
Тој посочи дека повеќе пати кажал дека ние како држава уште од 40-тите години на минатиот век признаваме малцинства, меѓу кои и бугарското, и дека е факт дека не го оспоруваме правото на нашите сограѓани кои се чувствуваат како такви, но исто така укажа и на постепената асимилација на македонското малцинство во Бугарија и на пресудите од Европскиот суд за човекови права.
– Дали Мицкоски признал дека има бугарско малцинство во Македонија или граѓани кои за себе велат дека се дел од бугарската заедница во Македонија, можам да кажам дека јас тоа сум го кажал и повторил дека – да, ние како држава уште од раните 40 – ти години на минатиот век признаваме малцинства, меѓу кои и бугарското. Не го оспоруваме правото на нашите сограѓани кои се чувствуваат како такви и тоа е факт. Но ајде да видиме сега што се случувало во историјата кај нашиот источен сосед. И ако се вратите наназад од тие рани 40-ти години и ако ги видите пописите што се правени во тие години и од раните 50-ти години ќе видите дека неколку стотици илјади граѓани кај нашиот источен сосед се декларираат како Македонци. Дури и во доцните 40-ти години десетици учители од Македонија, во Западна Македонија, во Пиринскиот дел на Македонија, Македонците ги учеле на македонски јазик, за македонската култура, за македонските обичаи, се организирале театарски претстави. Тоа што бугарските власти потоа благодарение на тоа што се водени такви политики, тоа право го бришат и го укинуваат, доведува до тоа да се создаде фрустрација и тивка асимилација на Македоцните во Западниот дел на Бугарија во Пиринска Македонија и тоа е жално што продолжува и во 21 век – рече премиерот.
Имаме неоспорен факт, потенцира тој, преку пресуда на Судот за човекови права во Стразбур што е потврда дека постои македонско малцинство во Бугарија.
– 14 пресуди од Европскиот суд за човекови права се донесени дека постои македонско малцинство во Бугарија чие што право да се организира во невладина организација, не да биде во Уставот, во невладина организација, за жал, од ваков тип политичари каков што е г-дин Радев е оневозможено. Јас повикувам на добрососедски односи, на двонасочна улица заеднички да најдеме решение бидејќи ние треба како добри соседи да разговараме на основа на аргументи и факти, да не го политизираме ова, да не го сведуваме на ниски страсти. Овој народ направи многу за европската иднина и очекувам Европа да му врати на овој народ и на оваа држава – рече Мицкоски.
Во однос на тоа дали тој има некакви гаранции од Брисел дека ќе се надмине ова прашање, премиерот вели дека политиката на оваа Влада е за градење мостови со нашите соседи.
– Да имаме добрососедски односи. Тоа е еден предуслов за нормално и пристојно функционирање и пред сѐ, за нас самите и тука не треба да има дилема. И тоа е како што кажав двонасочна улица. И ние сме подготвени и во Брисел и во Софија и секаде каде што тие ќе кажат да седнеме и да разговараме врз основа на аргументи и факти и да зборуваме за иднината. Во меѓувреме доколку не успееме во тоа наша задача е да се посветиме во решавање на домашните задачи и проблемите кои овој народ го има. Тоа ќе биде нашата политика – рече Мицкоски.