Во јавноста две работи се важни да се кажат, првиот, дека здравствените работници не добиваат редовно плата, вториот факт, е дека нешто не е во ред со ФЗО, односно дека Фондот нема пристап до податоците на осигурениците, зошто е тоа така не знам. Дали е хакерски напад, дали е не знам каков нападат, дали е нешто трето или итн, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за крахот на ФЗО и здравствениот систем за време на посетата на Свети Николе.
За што станува збор, рече Мицкоски, не знам и јас не би можел сега од оваа призма да кажам. Но, додаде тој, знам едно дека таму работат неспособни директори кои никој не ги повика на одговорност и од ДУИ и од СДСМ.
– Заштитени се и наместо обвинителството да се позанимава со овој случај, обвинителството бега како ѓавол од темјан од целата оваа работа – посочи Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ укажа „изминатиов период шајка не забодеа, пет и пол години се власт, ниту изградија нешто, ниту реновираа нешто, камо па клинички центар.
– Единственото нешто што го направија го расикнаа договорот со изведувачот за клиничката болница во Скопје за кој граѓаните сега треба да плаќаат 20-тина милиони евра отштета на компанијата. Да заклучам здравството не ни е на пат кон пропаст, туку здравството ни е пропаднато. Тоа е суштината и здравствените работници ја имаат нашата целосна поддршка во овој случај дека тие треба да го добијат она што им е изработено – посочи Мицкоски.