Во текот на изминатите неколку недели, десетици дронови беа забележани низ Њу Џерси, вклучително и во близина на чувствителни воени локации и теренот за голф на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во Бедминстер, објави Би би си.
Конгресменот Џеф Ван Дру тврди дека слушнал од „извори на високо ниво“ дека овие летечки објекти се поврзани со Иран.
Во изјава за „Фокс њуз“, републиканскиот претставник од Њу Џерси рече дека беспилотните летала дошле од ирански матичен брод лоциран во Атлантскиот Океан.
-Тој брод е во близина на источниот брег на Соединетите Американски Држави. Тие лансираа беспилотни летала колку што можеме да видиме или слушнеме – рече Ван Дру нагласувајќи дека информацијата му е од високи извори.
Честото појавување на беспилотни летала го принуди Пентагон да проговори. Министерството за одбрана на САД ги негираше тврдењата дека серија мистериозни дронови забележани над источниот брег се резултат на активностите на ирански мајчин брод стациониран во Атлантикот.Заменик-секретарот за печат на Пентагон, Сабрина Синг, категорично ги отфрли тврдењата на конгресменот Џеф Ван Дру.
-Тоа не е точно. Нема ирански брод покрај брегот на САД, ниту таканаречен брод-мајчин кој лансира беспилотни летала кон Соединетите држави. Според проценката на Пентагон, овие беспилотни летала не доаѓаат од странски субјект или непријател – изјави Сабрина Синг.
И ФБИ нема дадено објаснување за овие појави.
-Немам одговор кој е одговорен, но ние активно истражуваме- изјави Роберт Вилер Јуниор, помошник директор на тимот на ФБИ.
Откритието на Пентагон доаѓа неколку недели откако беа пријавени необјаснети повреди на воздушниот простор со беспилотни летала над американските воени бази во Велика Британија.