Сведокот Гоце Трајковски, кој требаше да сведочи денеска во врска со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, не е достапен за органите на прогонот и не бил најден на пријавената адреса.
Адвокатот Владимир Туфегџиќ побара да се прочита исказот на Трајковски даден во истрагата, но судијата Ивица Стефановски рече дека Судот ќе се обиде да го обезбеди сведокот, па сите ќе се изјаснат понатаму.
Денеска сведочеше Елвис Ибрахим, полицаец од Полициската станица Чаир, кој бил присутен при извршувањето на претресот во селото Глуво, на имотот на Баже Палевски, брат на првоообвинетиот Љупчо Палевски Палчо.
Тој рече дека при претресот биле одземени лаптоп, таблет самсунг и мобилен телефон ајфон 6 C плус, кои биле предадени за понатамошна постапка. Претресот бил извршен од 20.30 до 22.30 часот. Братот на Палчо, Баже ангажирал свој адвокат, Драган Спиров, кој бил присутен додека траел претресот. Во домот биле сопственикот, неговите сопруга и мајка.
Ибрахим сведочеше дека при претресот никој не извршил повик на телефонот на убиената Вања Ѓорчевска.
Палчо го праша сведокот дали забележал дека некој од неговото семејство вртел некому додека вршеле шпретрес, на што полицаецот одговори дека не забележал такво нешто.
-Дали подоцна Обвинителството ве информираше дека додека е вршен претрес некој од меото семејство вртел на бројот на Вања? – праша Палевски.
– Бевме повикани во Обвинителството, каде нѐ прашаа за истото. Рековме дека не сме забележале дека некој при претресот вртел на телефон. Телефоните беа пред нас на увид. Додека разговараше сопственикот со адвокатот, телефонот беше во него, а разговорот го водеше пред нас – рече Ибрахим.
И адвокатот на Палчо го праша Ибрахим дали му е познато дека за време на претресот на 03.12.2023 година, е вртено на бројот на оштетената Вања, на што тој повторно рече дека не било забележано такво нешто.
Адвокатите на Палчо рекоа дека приговараат на сведочењето на Ибрахим како невистинито, затоа што во писмените докази имало поинакви информации за тоа што се случувало за време на претресот.