Министерството за правда подготвува и денеска ќе испрати допис до Советот на јавни обвинители, со што ќе почне процедурата за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, на иницијатива на Владата. Во дописот, Министерството за правда ќе ги образложи причините поради кои се бара разрешување на Коцевски и ќе побара мислење од Советот на јавни обвинители.
По истекот за законските рокови за мислењето од Советот на обвинители, без разлика дали Советот ќе даде или нема да даде мислење, предлогот за разрешување ќе оди пред Собранието, каде е извесно дека Коцевски ќе биде резрешен, затоа што Јавниот обвинител на Македонија се избира и се разрешува со 61 глас.
Според Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Македонија се разрешува од функцијата пред истекот на мандатот поради тешка дисциплинска повреда, ако повредата е сторена со намера или очигледна небрежност по вина на Јавниот обвинител, без оправдани причини и ако повредата предизвикала тешки последици. Освен дисциплинска повреда, втора законска причина за разрешување на државниот обвинител е ако е член во политичка партија.
Откако ќе го добие предлогот за разрешување на државниот обвинител, Советот на јавни обвинители е должен во рок од 15 дена до Владата да достави образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма. Ако Советот на јавни обвинители, од оправдани причини, во определениот рок не достави мислење до Владата, рокот се продолжува за уште 15 дена. Ако и во овој рок Советот не достави мислење, се смета дека не го поддржува предлогот на Владата за разрешување.
Од Министерството за правда објаснуваат дека позитивното мислење на Советот на јавни обвинители не е задолжително во постапката за разрешување.
Обвинителот Коцевски ќе нема право да учествува на седницата на Советот на јавни обвинители на која ќе се расправа по предлогот за негово разрешување, но има право писмено да се произнесе. Тој ќе има право да присуствува на седницата на Собранието и таму да се брани.
Вчера Владата го задолжи Министерството за правда да преземе активности за поведување на постапка за разрешување на државниот обвинител. Како што рече портпаролката Марија Митева, Владата е разочарана од постапувањето на Јавниот обвинител надвор од законските надлежности, граѓаните се разочарани од системот кој не функционира, а секојдневното продолжување на ваквите состојби резултира со нарушена доверба и нефункционирањето на правната држава.
– Во последниот Индекс на транспарентност, конкретно четири точки, се однесуваат на состојбите кои се случиле во Обвинителството и во судството. Дополнително, последното именување за вршител на должност шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје, е одлука која е незаконска – рече Митева, објаснувајќи зошто Владата се одлучила на таков чекор.
Според уставни експерти, пратениците во Собранието гласаат по сопствена волја.
– За многу одлуки што ги донесува парламентот се бараат мислења на разни институции. Но, пратениците не се поштари кои тие мислења ги претвораат во одлуки и закони. Пратениците одлучуваат самостојно и по сопственото убедување, бидејќи тие се избрани од народот и се одговорени пред избирачите. Мислењето на Советот за јавни обвинители секако ќе биде земено предвид, но тоа не е обврзувачко, бидејќи пратениците самостојно ќе одлучуваат, ќе ја оценат вкупната работа на Јавниот обвинител и со гласање ќе ја прифатат или ќе ја отврдат иницијативата на Владата за нмегово разрешување – објаснува за Плусинфо експерт за политичкиот систем.
Во историјата на независна Македонија, ова ќе биде втор пат законодавниот дом да разреши државен јавен обвинител. Во 2017 година, со 64 гласа „за“, беше разрешен тогашниот републички обвинител Марко Зврлевски.