Почина лице од конго кримска хемогарична треска и вообичаена реакција од надлежните се е под контрола. Се зарази вработена на Инфективната клиника. И повторно се е под контрола. Или 40 лица се под здравствен надзор кои имале контакт со заразената. И сѐ така во круг. Ништо не сопира, ништо не контролираат велат од ВМРО-ДПМНЕ преку писмено соопштение.
Според информациите на партијата сите кои биле во контакт со вработената на Инфективна клиника одат на работа.
„Комисијата за интрахоспитални инфекции на Клиниката е на одмор, на Клиниката нема директор, никој не знае каде е. Државниот санитарен и здравствен инспекторат едвај покажува знаци на живот“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Министерството за здравство остро реагираше на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ преку кое партијата како што велат од МЗ, шири несигурност и паника меѓу граѓаните како и меѓу здравствените работници.
„Министерството за здравство и сите здравствени институции навремено и професионално одговорија на појавувањето на треската. Секојдневно транспарентно ја информираме јавноста за состојбата со пациентите и за изолираните контакти кои се под лекарски надзор. Лага е дека надлежните не ги преземаат сите мерки како би се спречило ширење на заразата како и дека се шири треската. Нашите здравствени работници го даваат максимумот да одговорат на потребите на пациентите. ВМРО-ДПМНЕ да престане со празни, неосновани соопштенија да се обидуваат да шират страв меѓу граѓаните. Тоа е неодговорно и ниско ниво на политичка манипулација на чувствителни теми“, се наведува во реакцијата од Министерството за здравство.