Децата во Македонија сè уште немаат колективен имунитет и покрај програмите за задолжителна имунизација. За тоа да се случи, треба се вакцинираат 95 проценти од децата на национално и 90 отсто на локално ниво. Во моментот трендот на вакцинирање е во пораст и за повеќето вакцини кои се даваат до 12 месеци опфатот е околу 84 отсто, освен за пневнококната и рота вакцината, воведени во 2019 година.
Ова на прескоференција со УНИЦЕФ денеска го објасни заменик-министерката за здравство, д-р Маја Манолева. Таа апелираше до родителите да ги вакцинираат децата.
– Редовните вакцини за деца се безбедни и ефикасни, а одложувањето на вакцинацијата ги доведува децата во сериозен ризик од болести што можат да се спречат – истакна Манолева.
Претставничката на канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија, Патриција ДиЏовани, изјави дека кога станува збор за сопствените деца, родителите се соочуваат со многу дилеми, но посочи дека вакцините секоја година спасуваат до 3 милиони деца од смрт.
– Ве уверувам, редовните вакцини за деца се безбедни и многу ефикасни. Имаме докази прибирани со векови за да го поддржиме ова тврдење. Од друга страна, компликациите од болестите од кои овие вакцини ги штитат децата се многу опасни и можат да доведат до доживотно страдање, попреченост, па дури и смрт. Ги повикуваме сите родители, не ја одложувајте вакцинацијата. Донесете ја најдобрата одлука за вашите деца, заштитете ги – апелираше Ди Џовани.
Заменик-министерката Манолева рече дека во пандемијата со ковид-19 паднала редовната имунизација за сите видови детски вакцини. Ди Џовани, пак, појасни дека ова се случувало и во целиот свет во периодот на пандемијата, кога здравствените системи биле под притисок, па 67 милиони деца останале без вакцини во периодот меѓу 2019 и 2021 година.
УНИЦЕФ денеска започна кампања под слоганот „Заштитени заедно – редовните вакцини за деца делуваат“ за да допрат до родителите. Во кампањата ќе бидат вклучени и здравствените работници и вработените во вакциналните пунктови.
– Организирана е вакцинацијата на лице место „од врата до врата“, преку распоредување мобилни тимови за вакцинација низ целата земја, а во исто време и делење информативни материјали за вакцинација, изработени врз основа на медицината базирана на докази. Овие напори ќе продолжат сѐ додека сите што ги исполнуваат условите за вакцинација, не бидат целосно заштитени – подвлече Манолева.