Министерството за финансии објави работна верзија на Одлуката за примена на повластената стапка на данокот на додадена вредност од 5%, но сè уште ја нема објавено одлуката кои производи ќе станат лускузни откако ќе им се зголеми ДДВ на 18%. Најверојатно ќе се чека првин измените на Законот за ДДВ да бидат изгласани во Собранието, па потоа да се објави списокот на производи кои ќе имаат повисок ДДВ.
Од Министерството за финансии велат дека објавениот список на производи кои ќе имаат повластена стапка на ДДВ од 5% е во работна верзија, што значи дека може да претрпи и измени.
Споредбата на предложениот список на артикли со повластен ДДВ од 5% со актуелниот од 2022 година покажува дека со 18% ДДВ ќе се даночат сите производи кои не се риба, а потекнуваат од морето или реките и езерата. Тие се подредени во тарифните броеви од 0305 до 0309. Таму спаѓаат морските производи и тоа се чулуркали во сите облици од свежи, замрзнати, чадени … потоа мекотелите со оклоп без неа, како и водни мекотели (школки, сите видови ракови, потоа октопод, остриги, пипи, морски полжави, лигни, кавијар и уни (икри од морски еж) и морска краставица и морска трева), како и брашно и гриз од риба. Повисок ДДВ ќе се плаќа и за морските и за друг вид алги.
Иста стапка на данок ќе се плаќа и за секој вид месо од дивеч, потоа инсекти и други јадливи производи од животинско потекло со тарифен број 0410. Тие ќе се даночат со повисока стапка.
Месото – свинско, говедско, од живина и овчо, како и сувомесните производи од нив ќе останат со повластена стапка.
Од печурките освен шампињоните останатите видови (тартуфи, болетус, кантарелос, шитаке, матсутаке…), како и сите сушени печурки ќе подлежат на ДДВ од 18%.
ДДВ од 18% ќе се плаќа и за одделни видови зеленчук како шпаргли, артичока, сладок компир и сите видови сушен зеленчук.
Повисок ДДВ од сегашниот од 5% ќе се плаќа за сите видови семе (лен, киноа, семе од маслодајна репка, сусам…), како и брашно од повеќе видови семиња. Потоа за мирудиите како шафран, куркума, цимет, ванила, ким, анасон…
Сојата останува со 5% ДДВ, но брашното од соја ќе се даночи со 18%.
18% данок ќе се плаќа и за гумени бонбони, сирење со мувла, пармезан, вафли и обланди, како и за тропско овошје.
Од маслата – палминото, кокосовото, од репка, од семе од кикиритки и други ќе добијат повисок ДДВ, а повисока стапка на ДДВ ќе се плаќа и за кандираното овошје и за путерот од кикирики.
Владата најави дека луксузот и во исхраната ќе се плаќа, но овој список покажува дека одредена категорија на граѓани – оние кои се на посебен режим на исхрана поради различни болести ќе треба да издвојат многу повеќе пари за исхрана, доколку Собранието го прифати предлогот на владата за дел од производите да нема повластена даночна стапка на ДДВ.
фото: pixabay.com