Министерството за надворешни работи уште еднаш остро реагираше со осуда за изјавите на европратеникот Џамбаски за што по дипломатски пат го известува и Министерството за надворешни работи на Бугарија.
„Во овој случај, Министерството ќе препорача и на Претседателот да реагира соодветно до својот колега, претседателот Радев, а за ова однесување известување и барање за оградување ќе биде побарано и од Претседателот на Европскиот парламент“, се вели во соопштението на МНР и се додава:
„Заканите, изјавите за закани, најавите се прашање со кое се занимаваат безбедносните органи, очекуваме тие сериозно да ги земат предвид последните изјави на Џамбаски и да донесат соодветна одлука за негов ограничен пристап во земјава“.
Претходно, претседателот Стево Пендаровски не ги коментира последните закани од бугарскиот европратеник, Ангел Џамбаски кој го нарече „Стево коминтерна“, а во својата закана спомна и атент. Од Кабинетот на претседателот за порталот Локално одговориле дека надлежностите за евентуална забрана за бугарски радикали е кај Владата.
„Во однос на прашањата, немаме дополнителен коментар. Ставовите на претседателот Пендаровски беа дадени по седницата на Советот за безбедност. За понатамошни чекори, надлежностите се кај Владата на Република Македонија“, соопштиле од Кабинетот на претседателот.
Синоќа Џамбаски ги прокоментира препораките на Пендаровски тој и уште неколку бугарски државјани да бидат прогласени за персона нон грата во Македонија.
– Нека се потсети Стево Пендаровски, претседателот на Македонија, познат по прекарот Стево Коминтерната, дека многу други луѓе се обиделе да им забранат влез на лидери на ВМРО во Македонија и резултатот на тоа бил да речам, последниот таков резултат се случил со југословенскиот, српски крал Александар Караѓорѓевиќ. Така што, да учиме од историјата, ако се обиде да ми забрани влез во Македонија, нека ја види историјата и нека учи од неа – рече Џамбаски за бугарска Нова.
Бугарскиот европратеник најави дека на 4-ти февруари за чествувањето на роденденот на Гоце Делчев ќе дојде во Скопје, за да го посети гробот во дворот од црквата Св. Спас.
Денеска министерот за надворешни работи Оливер Спасовски за новинарите изјави дека МВР ќе одлучува во самиот момент на 4 фервруари, ако Џамбаски се појави на македонско-бугарската граница.