Министерот за правда Кренар Лога заедно со претседателот на Анкетната комисија за заштита на човековите слободи и права, Халил Снопче, членот на комисијата Драгица Ѓавочанова, директорот на УИС Јовица Стојановиќ, директорот на КПУ „Идризово“ Зоран Јовановски и заменик директорот Феми Јонузи, извршија увид и одблиску се запознаа со состојбата, условите во затворот, разговараа дирекно со затворениците и беа информирани за проблемите со кои се соочуваат.
– Мизерни, катастрофални и супстандардни услови за издржување на затворските казни, пренатрупаност, затвореници спијат на под, нема соодветна здравствена заштита, нема соодветни санитарии, искршени кревети, мувлосани ѕидови. Овие услови докажуваат зошто ни е потребен итно Закон за амнестија, со кој барем минимално ќе се растоварат капацитетите. Се работи за луѓе. И покрај извршените дела тие се луѓе и заслужуваат достоинство. Наместо ресоцијализација и враќање во нормален живот, со ваков третман состојбата на овие лица може да се влоши уште повеќе – вели Лога.
Тој апелира оваа состојба да не се злоупотреби за политички цели а пратениците да покажат хуманост и да дадат поддршка на Законот за амнестија.