Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, денеска оствари средба со делегација на Европската џудо федерација, претставувана од претседателот и потпретседателот, д-р Ласло Тот и Хрвоје Линди.
На средбата беа присутни и претставници на Џудо федерацијата на Северна Македонија.
Тот и Линди го информираа министерот Спасовски за динамиката со која се спроведуваат подготовките за претстојното Европско првенство што од 12 до 14 август ќе се одржи во нашата земја. Манифестацијата која за прв пат се одржува кај нас ќе опфати 400 натпреварувачи и 120 гости. Тие изразија голема благодарност што Министерството за внатрешни работи ќе направи се што е потребно за натпреварите да поминат беспрекорно.
На крајот од средбата министерот Спасовски и Тот истакнаа подготвеност за продлабочување на соработката меѓу Министерството за внатрешни работи и Џудо федерацијата на Северна Македонија, што, според нив, би била од исклучително значење за припадниците на полицијата и, воопшто, за јакнење, напредок и просперитет на спортот.