До крајот на неделава, или на почетокот на идната, ќе имаме конкретен одговор за тоа што има законска основа и што може да се прифати од барањата на матурантите. Сè друго што не може да се прифати, и за што се потребни законски измени, не можеме да разгледуваме во овој период – изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири во врска со барањата на матурантите за скратување на материјалот за полагање на државната матура за што во петокот протестираа и беа примени во неговиот кабинет.
Шаќири соопшти дека за нивните барања денеска имал средба со директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) и нагласи дека МОН поддржува сè што има законска основа.
– Дел од ученичкиот сојуз е во редовна комуникација со ДИЦ во изминатата година и тие се известени за сè што треба да се реализира на државната матура. Но, пак, по барањето на средношколците денеска имав средба со ДИЦ и ќе имаме конкретен одговор за нивните барања – рече Шаќири одговарајќи на новинарски прашања.
Шаќири разговарал и со претставници на студентските сојузи од универзитетите за изедначување на износите на стипендии од иста категорија со анекс на договорите.
– Позитивна вест е што од оваа година обезбедивме буџетски средства за сите студенти што добиваат стипендија во истата категорија, со анекс да ги усогласиме разликите во вредностите – рече министерот.
Во врска со субвенционираниот студентски оброк, министерот рече дека ова право почнало системски да се решава и дека овој месец исплатата ќе биде побрза од претходните месеци.
Според новата Концепција за основно образование, учебници според нови наставни програми од оваа година ќе има за трето и за шесто одделение. За трето одделение, рече Шаќири, веќе завршиле дел од огласите за пријавување автори и очекува дека ќе има доволно период учебниците да бидат одобрени навреме. Во однос на постапките за шесто одделение, наставните програми се добиени пред десет дена.