Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во емисијата „Аргумент плус” на Телевизија 24 зборуваше за препораките од Планот за фискална оддржливост кои се однесуваат на вработените во јавниот сектор.
– Согласно препораката за рационализација и оптимизација на вработените во јавниот сектор, секоја институција треба да направи функционална анализа, која е неопходна за да може да се види дали институцијата има доволен број на вработени, дали тие имаат доволен ангажман, дали е потребна реорганизација на вработените, односно да се види функционалноста на институцијата и колку граѓаните добиваат квалитетна услуга од вработените во институцијата – посочи Тренчевска.
Во врска со наводите од синдикатите дека ќе има отпуштања, министерката Тренчевска изрази уверување дека нема да има отпуштања на вработени во јавниот сектор, туку преку мобилност и преземање вработените ќе бидат преместени во други институции или реалниот сектор. Таа посочи дека ниту во еден момент целта на Владата со Планот за фискална оддржливост било бркањето од работа или уназадување на правата на работниците, туку да се направи заштеда, секој работник да покаже резултати, а граѓаните квалитетни услуги.
Министерката информираше дека новите вработувања ќе одат со мобилност, а работата од дома ќе се извршува само доколку работните задачи на вработениот можат да се извршуваат од дома и оваа препорака се однесува на работодавачите.
Министерката се осврна на колективните договори и препораките за јавните институции да не потпишуваат колективни договори кои ќе предизвикаат фискални импликации надвор од нивниот буџет, и ставањето во под прашање реализацијата на програми , мерки и исплата на парава од социјална и детска заштита.
– Заедно со Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за финансии, Генералниот секретаријат треба да изработиме нова методологија за плати во јавен сектор. Системско решение со кое платите ќе растат заедно со порастот на просечна плата и трошоците во живот, како што тоа го направивме со пензиите и минималната плата – рече Тренчевска.
Разговорот во емисијата потоа продолжи на друга тема поврзана со трудот и социјалата, а тоа се новите антикризни мерки на Министерството. Тренчевска изјави дека со новиот пакет тангирани биле најранливите групи, а обезбедени биле и 15 отсто повисоки плати за негувателките и за воспитувачките во градинките.
– Сите се погодени од кризата. Но, нашиот фокус беше на најранливите. Во комуникација со граѓанските организации кои работат во областа на социјалната заштита, останатите министерства, центрите за социјална работа, ги одредивме целните групи зошто во моментот се најранливи – истакна министерката.
Во врска со пензиите, таа потсети дека пензионерите оваа година добија покачување на пензиите за 9.7 отсто, и финансиска поддршка за месеците март април и мај од 3000 денари. Пензионерите со минимална пензија и пензија до 14.000 денари се вклучени во новиот пакет мерки. Тоа е финансиска помош од 6000 денари или 4 месеци по 1500 денари, за едната група и поддршка од 3000 денари или 4 месеци по 750 денари за втората група.
Околу прашањето за цената на партиципација која ја плаќаат родителите на децата во детските градинки, министерката истакна дека цената ја креираат Советите на општините, бидејќи општините се основачи на градинките, а препораката од страна на министерството е да ја разгледаат можноста за евентуално зголемување на висината на партиципацијата земајќи предвид растот на цените на производите и енергенсите. Притоа да биде направено на некој праведен начин, да има неколку скали, зависно приходите на родителите.
– Министерството ги исплаќа платите на вработените во градинките и дел од материјалните трошоци, за се друго е надлежна општина. Во врска со платата во градинките министерката потврди дека рокот за исплата е прекршен, затоа што согласно новиот колективен договор тие ќе добијат зголемување за 15 отсто договор кој беше потпишан крајот на минатата недела. Се чекаат пресметките од страна на градинките, по што ќе бидат исплатени платите со зголемувањето од 15 отсто – појаснува Тренчевска.