Во Министерството за финансии се подготвува ребалансот на Буџетот за 2024 година. Ќе се обезбедат пари за плати и пензии, за сѐ она што е преземено како обврска согласно закон, а ќе се скратат неприоритетните и непродуктивните трошења. Предизвикот е голем, планираниот дефицит е потрошен околу 90%, но ќе се справиме со состојбата, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во своето прво гостување по преземањето на функцијата во поткастот „Каде се парите“.
– Состојбата е многу лоша. Дефинитивно предизвикот е голем. Не велам дека нема да се справиме. Насоките што ги дадов се дека приоритет мора да имаат платите и пензиите. Во исто време да се даде приоритет на сѐ она што е преземено со закон и дека тоа мора да се плаќа, а потоа да продолжиме со тоа колку пари ќе останат за да се прераспределат на другите ставки – рече таа и додаде дека има позиции, како што е примерот со ДИК каде фалат огромни средства и не може да се исплати она што е преземено согласно закон, а исто е случајот и со исплата на пензиите за кои се испланирани помалку средства од 2,5 милијарди денари.
– Во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување недостасуваат 2,5 милијарди денари за исплата на пензиите. И ништо да не се промени, СДСМ и ДУИ предвиделе 2,5 милијарди денари помалку за пензии. Што значи ќе требаше да се дополнат. Тоа се 40 милиони евра. Дополнителни 40 милиони евра се потребни за да се реализира зголемувањето од 2.500 денари. Немам дилема дека ќе да ги најдеме тие средства – рече министерката за финансии и дополни дека тие нема да бидат обезбедени од најавениот заем од 1 милијарда евра, кој е наменет за капитални проекти.
– Она што можам сега да го кажам и што сме го повторувале многу пати е дека таа милијарда ќе стигне од земја на ЕУ. Средствата ќе бидат наменети исклучиво за проекти и нема се повлечат одеднаш. Тие средства ќе претстауваaт еден сигурносен бафер во овој момент за да имаме сигурност во однос на тоа да начекаме многу лоша состојба. Но тоа не значи дека нема да се искористи. Напротив првите 250 милиони евра ќе стигнат во најкус можен рок, а ќе бидат наменети за приватниот сектор, односно ќе ги пласира Развојната банка преку комерцијалните банки, по исклучиво поволни услови со камати под 3% – рече Димитриеска-Кочоска.