Министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО на денешната сесија на министерскиот состанок на НАТО во Брисел се обединија во решеноста за заштита на земјите членки и колективна одбрана и потребата од интензивен дијалог и изнаоѓање на одржливо политичко решение на кризата во и околу Украина, соопштија од Министерството за одбрана.
Од Министерството посочуваат дека министерката за одбрана Славјанка Петровска на состанокот заедно со останатите министри даде силна поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
– Сè уште има простор за мирно надминување на оваа ситуација со дипломатски напори, кои е потребно да резултираат со смирување на ситуацијата на терен. Првата и главна цел на НАТО е колективната одбрана и затоа на сесијата стана збор и за идната поставеност на Алијансата во контекст на зајакнатата поддршка за сојузниците од т.н. источно крило на НАТО – соопштија од Министерството.
Во дискусијата за одвраќањето и одбраната, на сесијата стана збор за инвестирањето во одбраната, градењето на капацитети за отпорност и зајакнувањето на напорите за технолошки иновации.
Министерката Петровска денеска ќе се сретне со својот словенечки колега, министерот Матеј Тонин, со министерот за одбрана на Грција, Николаос Панагиотопулос, со министерот за одбрана на Бугарија, Стефан Јанев и со турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар.