Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, најави низа промени кои ќе влијаат на функционалноста на наставниците и образовниот систем во целост. И покрај зголемувањето на бројот на наставници кои се вишок, од 3.000 на 5.000, Јаневска уверува дека тие немаат причина за страв.
– Во иднина, ќе мора да ги направиме овие наставници функционални. Ова подразбира поголем ангажман, подолг престој во училиштата, и за тоа ќе добиваат повисоки плати. Ќе се организираат и обуки кои се неопходни за подобрување на нивните компетенции – истакна Јаневска во интервју за ТВ Телма.
Целодневната и едносменската настава, како и зајакнувањето на институции како Бирото за образование и Државниот просветен инспекторат, ќе отворат нови можности за вклучување на наставниците.
– Од контактите што ги имам, наставниците се спремни за овие промени, исто како и Министерството, а гледаме позитивна волја и од Владата – додаде Јаневска.
Јаневска потврди дека во Собранието се донесени неколку значајни закони, вклучувајќи ги оние за основно и средно образование, учебници и образование на возрасни. Дополнително, таа истакна дека е отстранет членот за заменски наставници за време на штрајк, што претставуваше една од најпроблематичните одредби за наставниците.
– Оваа промена не само што ги задоволува наставниците, туку и мене лично, бидејќи се согласувам со нивните ставови – истакна министерката.
Јаневска потврди дека Министерството за образование и наука ќе префрли средства на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ за да се подмири долгот за електрична енергија.
– Со новиот буџет за 2025 година, ќе ги обезбедиме потребните средства, бидејќи Законот за високо образование предвидува дека трошоците за струја на универзитетите треба да ги покрива МОН – рече таа, додавајќи дека се планираат измени на законот кои ќе овозможат подобро регулирање на овие трошоци.
Министерката потенцира дека универзитетите располагаат со сопствени средства, кои во иднина можеби ќе се користат и за дел од режиските трошоци.