За да привлечеме повеќе млади во јавната администрација се гради систем на плати со нова методологија што ќе ја следи просечната плата и којашто ќе ги следи трошоците за живот и растот на инфлацијата во државата. Тоа се мерки што навистина даваат добри резултати, истакна министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на денешната Конференција посветена на вработувањето на младите.
На прашањето дали ќе има зголемување на минималната плата, Тренчевска одговори дека се планира во март следната година да има ново зголемување на минималната плата, односно усогласување на минималната плата со параметрите на системот воведен од март оваа година за усогласување на минималната плата, 50 проценти со трошокот на живот, односно со инфлацијата и 50 проценти со порастот на просечната плата.
– Платите во приватниот сектор се многу поголеми од јавниот сектор. Имате ИТ компании каде што најниската плата е околу 600-700 евра за почетник, а понатаму согласно работното искуство на младите, платите се многу поголеми. И токму во таа насока е и оперативниот план за вработување со мерки и програми за вработување што нудат добро платени работни места за младите – истакна министерката за труд и социјална политика.
Таа рече дека се држат обуки за напредни и основни ИТ вештини во коишто на годишно ниво над 400 млади се вклучуваат и стекнуваат сертификат со којшто лесно се вработуваат повторно на работни места каде што има добри плати.