СДСМ најавува дека, преку парламентарното мнозинство, деновиве ќе покрене иницијатива за ново зголемување на минимална плата на повеќе од 20.000 денари.
„За само неколку години успеавме минималната плата да ја удвоиме, и од 9.000 денари денес таа изнесува 18.000 денари, при што веќе нема дискриминирани сектори кои добиваат плата под законскиот минимум, како што тоа беше во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Но не застануваме тука, овие денови се очекува ново зголемување на минималната плата и се очекува таа да го надмине износот од 20.000 денари. Со тоа, речиси една и пол година пред предвидениот рок, ќе го оствариме ветувањето за минимална плата од 20.000 денари, дадено пред граѓаните на парламентарните избори во 2020 година. Растот на минималната плата ќе придонесе за зголемување на сите плати во државата, а со тоа и на просечната плата која сега изнесува над 34.000 денари“ – се вели во соопштението на СДСМ.
Економско-социјалниот совет се очекува денеска да одржи седница на која треба да донесе одлука за висината на минималната плата.
Министерската за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во изјава за МИА дадена во петокот обелодени дека седницата ќе се одржи денеска и на неа ќе се разговара за минималната плата.
– Одлуката за висината на минималната плата се носи токму на Економско-социјалниот совет, потоа се објавува во Службен весник, за да може работодавачите да ги усогласат платите кои ќе ги исплатат за месец март со одлуката, односно со висината на минималната плата, изјави Тренчевска во видео изјава дадена во прес-центарот на МИА во Штип.
Очекувањата на Владата, според досегашните изјави на министрите од економскиот сектор, се дека минималната плата ќе изнесува околу 20.000 денари.
Секој март се врши усогласување на минималната плата. Со измените на Законот за минимална плата, се воведоа нови критериуми согласно кои минималната плата се усогласува со 50 отсто од трошоците за живот и 50 отсто со растот на просечната плата.