Сè поверојатно е дека поранешниот шеф на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски нема да замине во Париз како амбасадор – изјави претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика Антонијо Милошоски.
– Тоа што го имаме како информација неофицијална, од Министерството за надворешни работи, е дека претседателот Стево Пендаровски и министерот за надворешни работи Бујар Османи веќе се усогласиле Виктор Димовски да не биде амбасадор на Македонија во Париз. Но, дали имаат донесено одлука кој треба да биде следен амбасадор, за тоа немаме информација – рече Милошоски по денешната седница на Комисијата. Милошоски додаде дека очекува наредниот кандидат за Франција да биде дипломат од кариера.
Кандидатурата на Димовски беше ставена под прашалник откако во јавноста се дозна дека Агенцијата, на чие чело беше Димовски, дала согласност да му се издаде македонско државјанство и пасош на контроверзниот проруски бизнисмен Олександар Онишченко.
Во собраниската Комисија денеска беа сослушани доскорешниот министер за локална самоуправа Горан Милевски, кој заминува за амбасадор во Љубљана, како и поранешниот министер без ресор Едмонд Адеми, кој ќе ја извршува амбасадорската функција во Шпанија, наредната земја претседавач со Европската Унија.
Сè уште остануваат непополнети амбасадорските позиции во Париз, Варшава, Лондон, Букурешт, Будимпешта, Сараево, Берлин, Пекинг, Бразилија, Белград, Каиро, Тел Авив, а од утре официјално ќе немаме ни амбасадор во Киев, Украина.