Во вечерниот подкаст „ВМРО-ДПМНЕ зборува” оваа недела гостуваше пратеникот во Собранието и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски кој зборуваше за актуелните теми и случувања во последниот период, а главното прашање на кое се осврна беа евроинтеграциите.
Тој оцени дека клучна одлика на седумгодишното владеење на СДСМ и на ДУИ не е само оддалечувањето од евроинтегративниот пат на земјава, туку и ненадоместлива штета која се состои во пропуштеното и изгубено време.
Милошоски истакна дека позицијата на новата Влада е јасна и се движи во насока на полноправно членство во Унијата, но со извесност и без некаква концесија, обврска или притисок.
– Седум години се сепак сериозен период за која било држава, влада, за кој било процес дали е стопански, економски, дали се евроинтеграции и начинот на којшто го водеа тој процес, обврските кои ги прифатија, а не можеа да ги реализираат, сега претставуваат товар за сегашната и засекоја идна влада. Направија една комплицирана ситуација во овој процес на евроинтеграции – вели Милошоски.
Според него, ваквата наследена состојба не е ни малку лесна, но истовремено е и охрабрен по посетата на премиерот на Берлин и неговата лична изјава дека е поголем оптимист, а воедно посакува и многу успех на сите директно инволвирани страни во овој процес.
– Во делот на постигнување реформи и стандарди на Копенхагенските критериуми, верувам дека Владата оттука ќе испорача и дека ќе бидеме забележително подобри од она како до сега, во изминатите седум години. Во делот на преземените обврски поврзани со блокадата од Бугарија, сметам дека ќе биде потешката задача – истакна Милошоски.
Тој смета дека е потребно да се создаде клима и тоа најпрво, во земјата да се постигне поширок консензус кој јасно ќе ги застапува нашите позиции како држава, а по утврдувањето на состојбите во Бугарија да се изнајде начин за зголемување на меѓусебната доверба бидејќи на крајот сепак ние сме соседи.
– Најголемиот проблем што СДСМ и ДУИ го направија е што после потпишувањето на договорот за добрососедство, во изминативе седум години ние имаме нарушено добрососедство. Нема доверба, има блокади наместо да има проекти, трговија и нешто од взаемен интерес за Македонија и за сите соседи, вклучувајќи ја и Бугарија – заклучува Милошоски.