Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски,во емисијата „За или против” посочи дека прашањето околу рудниците нема само економска туку и политичка позадина. Милошоски јасно посочи дека тука некој или лажат Оливер Спасовски, Каја Шукова и Славјанка Петровска дека гласале, а биле измамени или манипулира министерот Бектеши.
– Моето мислење е дека прашањето околу рудниците нема само економска туку има и политичка позадина, поврзана со одредени бизнис интереси на фирма блиска до ДУИ, фирма која на некој начин дава логистичка и финансиска поддршка на ДУИ. Влезе со одреден удел во концесијата за овие рудници и веројатно тоа беше тригерот за Министерството за економија да ги забрза сите процедури кои траеле со години наназад, но немало краен конечен исход за сега да ги спојат концесиите што ќе значи и отварање на овие рудници. И одлуката според она кое што го кажа министерот Бектеши била донесена од сите министри едногласно и тој тврди дека сите министри навреме ги имале документите за овие струмички рудници. Некој не ја говори вистината, или лажат Оливер Спасовски, Каја Шукова и Славјанка Петровска дека гласале, а биле измамени или манипулира министерот Бектеши, рече Милошоски.
Тој посочи дека треба да се расчисти кој манипулира со граѓаните.
– Тоа треба да се расчисти бидејќи каква доверба треба да имаат граѓаните во одлуките на владата, ако министрите во владата излегуваат во јавност и кажуваат спротиставени информации дека некој некого манипулира при носење на одлуки. Владата носи одлуки за многу работи, истакна пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Милошоски порача дека СДС нема капациет да се спротистави на бизнис интереси на ДУИ.
– Министерот Бектеши кажа дека ако треба уште сто пати да се повтори одлуката тој би ја донел истата одлука и тука ќе се види кој го има главниот збор во владата, дали СДС или ДУИ. Јас мислам дека СДС нема капацитет да се спротивстави на бизнис интересите на ДУИ. Мислам дека ДУИ има повеќе опции бидејќи овде има и бизнис интерес на фирма која е блиска до ДУИ. Претпоставувам дека главна цел ќе им биде овие рудници да се отворат, но и доколку има пречка да не се отворат, тогаш ДУИ може да оди и на втората варијанта, владата односно државата заради неисполнување на одлуката која ја донело Министерството за економија заедно со сите министри, да плаќа пенали на фирмата која е блиска до ДУИ, посочи Антонијо Милошоски.