Бугарија ќе бара со нота да им се обезбеди пристап на Бугарите што патуваат во Северна Македонија за да се поклонат на споменикот на Гоце Делчев на 4 февруари. На настанот ќе учествуваат и претставници на бугарската амбасада. Ова го соопшти бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков на брифинг со новинарите, извести „БНТ.бг“.
– На социјалните мрежи во Северна Македонија се организираат блокади на патот кон Скопје против бугарските посетители. Клучно е да се обезбеди безбедност на Бугарите таму. Обезбедувањето непречено оддавање почит на 4 февруари е елемент на тоа. Сакаме да постигнеме деескалација. Ние не бегаме од таков дијалог. Нашиот премиер ќе има телефонски разговор со македонскиот премиер Ковачевски, а еден од главните елементи ќе биде обезбедувањето на безбедноста на бугарските граѓани воопшто, како и за тоа што ќе се случи на 4 февруари. Ние се залагаме за таква деескалација, не треба да се вратиме на ситуацијата пред една недела бидејќи тоа би било конкретизирање на репресијата – посочи Милков.
Според Милков, доколку Северна Македонија го попречи пристапот на бугарските граѓани, тоа би било без преседан.
– Ако тоа се случи, тоа ќе биде без преседан. Немам информации дека две земји членки ги прогласиле своите граѓани за персона нон грата. Ова ќе биде без преседан и ќе бара одговор без преседан – рече министерот Милков.
Македоснкиот министер за внатрешни работи изјави денеска дека нема никаква потреба од организирање на граѓаните за блокади на патиштата или ноќни стражи на денот на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев, затоа што тука се институциите на системот.
– Апелирам до сите на едно мирно, достоинствено чествување, а државата, МВР и безбедносните служби се тука за да обезбедат мирни услови – рече Спасовски.