Бугарија нема да прифати никаква формулација со која на македонските Бугари ќе им се додели статус кој на кој било начин е различен од оној на кој било од другите уставно признаени делови на народите во Република Северна Македонија – изјави денеска вршителот на должноста министер за надворешни работи на Бугарија Николај Милков на новинарско прашање во врска со изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека барањето на Бугарија да биде дел од процесот на уставни измени е скандалозно.
Тој посочи дека процесот на промена на Уставот секако е внатрешна работа на Република Северна Македонија.
– Има низа акции кои може да се оквалификуваат како обиди за подигнување на степенот на тензија, со што би се стеснила можноста за мирен дијалог и атмосфера за овие промени. Јас лично не мислам дека изјавите од ваков тип водат кон смирување на ситуацијата – истакна Милков во врска со изјавата на Пендаровски.
Тој притоа ја објасни мотивацијата за својата претходна изјава.
– Во духот на нашето досегашно искуство, би сакале да избегнеме сценарија во кои приоди и конкретни решенија се договараат зад грб на Бугарија со земјите членки на Европската Унија, за потоа да ни се врши притисок или да бидеме ставени пред свршен чин – рече министерот.
Тој нагласи дека за Бугарија единствено е важно да се обезбеди еднакви права на бугарскиот народ со другите народи во Република Северна Македонија.
– Вклучувањето на Бугарите во Уставот на С. Македонија и заложбата на Скопје да преземе мерки за обезбедување ефективен пристап до еднакви права, заштита од дискриминација и заштита на културата и идентитетот на Бугарите, се наведени во записникот од вториот состанок на мешовитата меѓувладина комисија, кој беше потпишан на 17 јули 2022 година – потсети министерот и изрази жалење што оттогаш нема напредок по ова прашање.
Според него, темата станала предмет на „внатрешна дебата“, поврзана со покренување постапка за промена на Уставот на државава. Во врска со почетокот на овој процес, Милков изјави дека ги поздравува напорите на РСМ за исполнување на обврските, кои, според неговите зборови, треба да доведат до практична еднаквост на тамошните Бугари.
– Успешното завршување на еден ваков процес ќе доведе до издигнување на билатералните односи на квалитативно ново ниво и ќе даде позитивен поттик на напорите на Република Северна Македонија за почеток на преговори за членство во Европската Унија – коментира Милков.