Модниот цар и милионер од Германија Хелмут Шлотерер им ја препушти целата компанија на работниците.
Како што пишуваат германските медиуми Шлотерер ги префрлил своите акции во компанијата „Марк Кејн“ на вработените, со цел во иднина да се зачуваат вредностите на компанијата.
Фабриката произведува женска облека и ја извезува во десетици земји, а Шлотерер ја водеше компанијата повеќе од 50 години.
Вработените сега имаат можност активно да учествуваат во успехот на компанијата и да ги искористат своите гласачки права за да утврдат како се користи профитот. Со Работничката фондација раководи работнички совет составен од сите активни раководители.
– Повеќе од било што друго, важно ми е да се погрижам „Марк Кејн“ да дојде во вистински раце. Продажбата на компанијата никогаш не ми беше опција, а бидејќи јас и мојата сопруга немаме деца, решив да основам фондација за компанијата да продолжи да работи – објасни Шлотерер.
Во 2019 година, магазинот Форбс го процени неговото богатство на околу 200 милиони евра, а неговиот имот ќе оди во приватна фондација.