Милијардерот и сопственик на компаниите СпејсИкс (SpaceX), Тесла и Икс(X), Илон Маск, јавно ја изрази својата поддршка за партијата АфД, која ја претставува крајната десница во Германија, во пресрет на предвремените избори закажани за февруари 2025 година.
На својата социјална мрежа Икс, Маск напиша дека „само АфД може да ја спаси Германија.“ Оваа објава беше одговор на изјавата на претседателот на ЦДУ, Фридрих Мерц, кој истакна дека „Германија не треба да го следи примерот на Маск и аргентинскиот претседател Хавиер Милеј.“
Маск го додаде текстот реобјавувајќи ја пораката на германската десничарска инфлуенсерка Наоми Зајбт која го критикуваше Фридрих Мерц, кандидат за канцелар на конзервативците, кои напредуваат во анкетите. Во видеото, Зајбт, која го негира човековото влијание врз климатските промени, ги критикуваше зелените политики на Германија како „еко-социјалистичко национално самоубиство“ и го нападна лидерот на ЦДУ, Мерц, за неговото одбивање да соработува со АфД.
Во последно време, како што пишува Политико, Маск отворено ги поддржува популистичко-десничарските политичари во Европа, вклучувајќи ја италијанската премиерка Џорџа Мелони и лидерот на реформистите во Велика Британија Најџел Фараж. Претходно оваа недела, Фараж изјави дека Маск стои „цврсто зад него“ и навести дека технолошкиот милијардер би можел финансиски да ја поддржи неговата партија.
Поддршката на Маск за АфД предизвика реакции и во Германија. Лидерот на ЦДУ и главен кандидат за канцелар, Фридрих Мерц, кој води во трката со 31 отсто поддршка според последните анкети, го отфрли АфД како можен сојузник.
Од друга страна, лидерите на АфД се воодушевени од поддршката на Маск. Кандидатката за канцелар на партијата, Алисе Вајдел, напиша на Икс:
„Да! Целосно си во право!“
Таа потоа го додаде своето неодамнешно интервју, за кое рече дека се однесува на тоа како „социјалистичката (Ангела) Меркел ја уништи нашата земја“ и како „Советскиот европски сојуз“ ја уништува Германија.
Канцеларот Олаф Шолц, реагирајќи на изјавата на Маск, изјави:
– Имаме слобода на говор, која важи и за мултимилијардери. Но, слободата на говор исто така значи дека можете да кажете нешто што не е точно или не содржи добар политички совет.
Маск, кој е блиско поврзан со избраниот претседател на САД Доналд Трамп, во минатото изразуваше симпатии за АфД, но и одредени дилеми за ставовите на партијата. Во јуни напиша:
„Зошто има толку негативни реакции кон АфД? Нивните политики кои ги прочитав не ми звучат екстремистички. Можеби пропуштам нешто“.
АфД, која моментално е втора според анкетите со 19 отсто поддршка, се соочува со обвинувања за радикализам. Одредени локални ограноци на партијата се класифицирани од германските разузнавачки служби како екстремистички и закана за демократијата.
И покрај тоа што Маск изразува симпатии за партијата, германските закони му забрануваат како не-ЕУ државјанин да донира повеќе од 1.000 евра за политички цели. „Ова не е првпат Маск да коментира за германската политика на Икс“, изјави портпарол на германската влада, додавајќи дека Берлин ја забележал неговата најнова изјава, но не сака да коментира дополнително.
Инаку, во изборната програма на АфД, како што пренесе Дојче веле, се повикува на Дексит – односно излегување на Германија од Европската Унија и формирање нова заедница. Тоа се прашања со кои АфД се занимава со години и сега во својата изборна програма предлага референдум.
– АфД смета и дека еврото е проблематично и затоа се залага за напуштање на денешната заедничка валута и враќање на германската марка.
– Враќање на нуклеарната енергија и рускиот гас
– АфД сака укинување на економските санкции против Русија. Се вели дека војната против Украина го разниша европскиот мировен поредок. Не се осудува руската агресорска војна и се наведува дека Украина треба да стане неутрална земја надвор од НАТО и од Европската унија. Според изборната програма на партијата, Бундесверот треба да има поголема финансиска поддршка и кадровски потенцијал.
– Заострување на прописите за абортус
– Програмата предвидува гранични контроли и враќање на мигрантите од германските граници. Германија, како што се наведува, треба сама да одлучи кој може да дојде во земјата.
– Партијата сака да се овозможи бегалците да се приведуваат на границите.