Милијардерот Илон Маск ѝ дал околу 75 милиони долари на својата организација која се бори за победа на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, пишува британски Гардијан.
Америка ПАК (Политички акционен комитет), кој се обидува да ја зголеми излезеноста на гласачите кои ќе го поддржат Трамп на изборите во клучните сојузни држави, во периодот од јули до септември потрошил околу 72 милиони долари, покажуваат податоците доставени до федералната изборна комисија.
ПАК сака да го мотивира одѕивот на поддржувачите на Трамп. Кампањата на Трамп во голема мера се потпира на надворешни групи за мотивирање на гласачите, што значи дека Супер ПАК, основан од Маск, најбогатиот човек на светот, игра извонредно важна улога во претседателските избори.
Во објавата на социјалната мрежа Икс, Маск посочи дека ќе одржи серија разговори низ Пенсилванија. Оваа американска сојузна држава се смета за клучна држава и за Трамп и за Харис во трката за Белата куќа.
Tomorrow night through Monday, I will be giving a series of talks throughout Pennsylvania.
If you’d like to attend one of my talks, there’s no attendance fee. You just need to have signed our petition supporting free speech & right to bear arms & have voted in this election. https://t.co/2cjdY7oPtB
— Elon Musk (@elonmusk) October 16, 2024
Маск, кој изјави дека гласал за демократските претседателски кандидати во минатото, на овие избори направи остар пресврт надесно. Тој го поддржа Трамп во јули и се појави со него на митинг во Пенсилванија претходно овој месец.
Донациите на Маск за Америка ПАК го внесуваат во ексклузивниот клуб на републикански мегадонатори, листа на која се и банкарскиот наследник Тимоти Мелон, како и Миријам Аделсон, сопственичка на казино и најбогатата личност со израелско државјанство.
Меѓутоа, претходно овој месец беше објавено дека Маск тајно финансирал конзервативна политичка група со години, долго пред јавно да го поддржи Трамп.
Америка ПАК одби да ги коментира донациите на Маск.