Со видео порака насловена „Непотизам и економија“, снимена за меѓународната конференција „Скопски економски и финансиски форум – СЕФФ“, познатиот македонски режисер Милчо Манчевски се пожали дека деца на функционери добивале повеќе пари од него, зборувајќи за одливот на мозоци од земјава и за личното патешествие за поддршка од Македонија за неговите филмови.
– Во 1978 бев првенец на генерација и сирак. Бев најдобар студент во мојата генерација. Моите родители починаа кога бев дете. Сакав да правам филмови но ги немав потребните врски за филмска кариера. Обично децата на етаблирани филмаџии и децата на политичари имаат шанса да учат во филмска школа или да бидат финансирани од државата – вели Манчевски и вели дека тој не добил стипендија, а добил син на познат кинематограф.
Манчевски вели дека за филмот „Пред дождот“ добил 7% учество од македонскиот филмски фонд, а за „Прашина“ 5%.
– Тоа се многу помалку пари од она што го добиваа синовите на, на пример, познат македонски режисер или синот на поранешен шеф на полицијата или синот на поранешен владин портпарол – вели Манчевски во своето видео обраќање.
Актерот и продуцент Владимир Јачев реагираше на ова обраќање на Манчевски и побара искреност кога се зборува на тема помош од државата за снимање филмови. Јачев го потсети Манчевски дека земал и по еден милион евра за филм.
„Другар, да бидеме малку искрени! Во ред е да се залагаш и да се бориш за свој проект, ама види ја и другата страна. Во државава, покрај оние што си ги набројал (тие настрана), постојат мал милион луѓе на кои никогаш не им бил платен проект. Нешто околу бројките… Велиш 5% од „Прашина“. Колку чинеше целиот „Прашина“? 20 000 000$. 5% од 20 000 000 се 1 000 000$.
Толку чинеше еден добро платен филм во времето кога сѐ уште се работеше со долари. Кога се префрливме на евра, сумата остана иста (1 000 000), но со промена на валутата и поголемата вредност на еврото, износот во денарска против-вредност скокна за (од прилика) четвртина од сумата која претходно фигурираше во долари. Значи, 1 250 000$.
Прашај некого од овие што си ги набројал (а и другите што седат дома без работа) кога последен пат добиле 1 000 000 € за проект од Министерство, и кога мислат пак да ја добијат истата сума?
Разликата, помеѓу тебе и нив (луѓето коишто не работат поради немање финансии) е во тоа што, кога тие би ги земале парите, сите би ги вложиле во проектот. Тебе овие 5% од кои се жалиш, директно ти одат на сметка на твојата продукциска куќа. Тоа ти е фактички хонорарот кој чини како еден филм кој луѓево никогаш нема да го снимат.
Ќе речеш: – Ама јас другите пари, сам, од странство ги наоѓам!
Ок, што не го снимиш филмот во странство? Така барем нема повеќе да те кратат од финансиите за кои се жалиш.
Сакаш да кажеш дека правиш европски филм и предизвик ти е да направиш нешто на европско тло? Као Холивуд ти е нешто кое има помала уметничка вредност? „Прашина“ европски ли филм е?
Дали да спомнам за „Мајки“? Самиот проект чинеше (можеби чинел и повеќе, но меѓу нас овде беше раширена приказната дека чини) околу 1 000 000€. Не ни го спомнуваш „Мајки“, зошто? Зошто, ако 1 000 000€ ти биле малку од целокупната финансиска конструкција на другите поскапи филмови, во овој случај ти била доволна за цел филм?
За да ја аминуваш власта од пропустите што ги направиле во случајот? Си ги собрал луѓено од околијата на Кичево да зборат: Новинарот беше оваков, новинарот беше онаков… Пеколот е во другите…
Сакаш да ти кажам колкав беше мојот хонорар за тој филм? Знам дека знаеш, твоја продукција беше филмот, ти ги делеше парите…
Но, еве ти кажувам и другите да разберат, 0,2% од целокупната сума од околу 1 000 000€. 20 дена снимање… Има разлика од 5% на 20 000 000$ и 0,2% на 1 000 000€, нели?
И ти се жалиш? Не те фаќа малку срам?
Луѓево не знаат како крај со крај да сврзат, нему по 1 000 000$ чиста пара од филм малку му биле…
Во моментов работам на проект и појма неам кај да најдам 3000€ да ги платам луѓево што ќе го опслужуваат…
Си бил некогаш во таква позиција? Не, ама не ме интересира…. Ок, и нас не нѐ интересираат твоите мегаломански сфаќања на уметноста. Не си се забележал дека како ќе дојде време да ја искристализираш конструкцијата на делото што го правиш – дека истовремено почнуваш да ги вртиш муабетите за тоа како те кратат, како тебе сѐ ти е малку, како си ти постојано нешто во подредена позиција…? И тоа каде? На меѓународен форум…
Повторно ќе кажам: има луѓе (меѓу кои сум и јас) кои животот на коцка го имаат ставено за државата, а никогаш од неа не зеле ни денар… Мисли и на такви случаи понекогаш… Добро е за интроспекција…“, напиша актерот Јачев.