Кракенот, односно новиот подвид на сојот омикрон, само дополнително ќе го зголеми бројот на новозаразени со коронавирусот, оценува микробиологот д-р Никола Пановски за порталот Локално.
– Новиот подвид е најпренослив коронавирус познат досега. За среќа, изгледа дека не е поопасен. Затоа, постарите и оние со коморбидитети треба да избегнуваат гужви, да носат маски во продавници, банки, автобуси, помладите и здравите да живеат нормално, а ако имаат респираторна инфекција, било каква, да се изолираат пет дена – апелира тој.
Пановски најави и подобар зимски период за земјава во однос на коронавирусот, во споредба со ланската година ова време.
– Се очекува да имаме зима полесна од претходните две, слична на оние години кога имало посериозни инфекции со грип, сега со корона, грип и други вируси заедно, под услов вирусите на грип да не бидат многу вирулентни, а за сега не се – укажува микробиологот.
Засега не е регистриран случај на новиот сој во Македонија. Од соседството единствено е потврден во Грција, каде има 6 случаи.