Во почетокот на следната недела ќе настапи суво, стабилно и топло време. Вистинско лето. Но, пред тоа најверојатно ќе се случи уште еден „потоп“.
Пословично егзалтираните српски медиуми за утре и задутре најавуваат „катаклизма“. „Доаѓаат најкритичните денови за Србија“, предупредува локален метеоролог, коментирајчи го најавениот судир на два циклона над Балканот.
Да потсетиме, вчера имаше информации дека два циклона се движат еден кон друг и ќе се судрат токму над Балканот.
За циклонот што доаѓа од Средоземјето се зборува веќе неколку дена. Циклонот во моментов се наоѓа меѓу Шпанија и Италија, полека патува кон исток и веќе го зафаќа јужниот дел на Јадранот.
Врнежите ќе бидат обилни и интензивни во четврток и петок, метеоролошките служби во Србија повторно го активираа портокаловиот метео-аларм за тие денови.
И македонскиот метеопрогнозер Славчо Поповски најавува временски непогоди и обилни дождови под влијанието на циклонот од Средоземјето. Денеска (среда, 14 јуни) попладне на повеќе места, а од четврток до недела низ целата територија на Македонија ќе има врнежи, грмежи и повремено засилен ветер. Локално врнежите ќе бидат особено обилни, предупредува Поповски.
Тој прогнозира дека локално ќе има појава на невреме, проследено со многу обилен пороен дожд, силен ветер, електрични празнења и со појава на град. Локално до недела ќе наврне големо количество нводен талог, над 60-70 литри на квадратен метар.
Славчо Поповски вели дека постои опасност од нови локални поплави и апелира граѓаните да бидат крајно претпазливи. Можно е излевање на некои реки, особено на помалите.
Заедно со обилните дождови ќе паднат и температурите. Тие ќе бидат потпросечни за овој период од годината и локално ќе се спуштат дури и под 20 степени преку денот, а во најтоплите предели тие ќе се искачат до 25 степени.
Во Скопје исто така се очекуваат поинтензивни врнежи, а можно е и невреме во делови од котлината.
И УХМР за следните денови најавува променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Во делови од деновите се најавуваат локални поројни дождови, грмежи и засилен ветер. На места процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилни дождови (над 25 литри на квадратен метар), со силен ветер и изолирани појави на град. Побилни врнежи се очекуваат во северозападните делови од земјата.