Во своето 10-то издание, шестчасовниот фестивал донесе илјадници посетители во Њујоршкиот Централ парк, а неговото сестринско издание се одржа во Акра, главниот град на Гана, каде настапија музичари како Ашер и Стормзи.
Global Citizen им даде билети на посетителите во замена за ветување дека ќе дејствува против светската сиромаштија со, на пример, пишување до избраните претставници за зголемување на странската помош. Фестивалот се одржува во исто време со Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, сакајќи да создаде поголем притисок врз светските лидери.
„Инспирирани сме и благодарни за целата ваша работа и сакаме да знаете дека вашата борба е наша“, рече првата дама на САД Џил Бајден во видео обраќањето покрај нејзиниот сопруг.
Претседателот Бајден зборуваше за неговиот нов климатски пакет, најсеопфатниот збир на закони за чиста енергија на САД досега, пишува Ројтерс.
Легендарната група Металика свиреше осум песни, вклучувајќи ја и верзијата на „Nothing Else Matters“ со пејачот Мики Гајтон, еден од најистакнатите црни музичари во кантри музиката.
Покрај борбата против сиромаштијата и климатските промени, гостите на фестивалот зборуваа и за правата на жените, вклучително и за актуелните протести во Иран поради смртта на 22-годишната Махса Амини во притвор, откако беше уапсена од иранската полиција.
На сцената се појави и шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Треба да се грижиме за нашите девојки и жени. Тие тоа го заслужуваат“, рече таа.
Таа ја истакна неодамнешната европска помош во вредност од 600 милиони евра за безбедност на храната во Африка, Карибите и Пацификот.
Заедно со Металика и Мараја Кери, на фестивалот, меѓу другите, настапија и италијанските победници на Евровизија Манескин, шпанската поп ѕвезда Розалија и браќата Џонас.