Дел од компаниите од месната индустрија веќе размислуваат да се преселат во соседството поради подобрите услови за работа и одбивањето на власта да ги изедначи условите за работа со тие во соседството. Ова на денешната прес-конференција на Групацијата за производство на месо и преработки од месо во рамки на Стопанската комора го соопшти директорот на МИК Свети Николе кој е претседател на Групацијата.
Групацијата обвинува дека владата одолговлекува со продолжување на мерката за намалување и укинување на царините за смрзнато свинско месо од увоз наменето за производство и не ги изедначува условите за контрола на квалитетот со оние кои важат во соседството што неповолно се одразува врз нивното работење.
– Ние во „Мик“ сметаме дека целото производството треба да го пренесеме во соседството, бидејќи условите се подобри од овде. Ние и целата месна индустрија сакаме да работиме во земјата, но бараме да се изедначат условите за работа и контрола на работењето на компаниите од оваа индустрија со оние во соседството за да не бидеме помалку конкурентни – рече директорот на „Мик“ Свети Николе Гоце Трајчев кој е и претседател на Групацијата.
Тој побара владата да ги продолжи мерките кои завршија во јуни лани или законски да ги укине увозните давачки за замрзнато свинско месо и други суровини.
Податоците кои беа презентирани на прес-конференцијата говорат дека поради непродолжување на мерката од 20% до 30% е намалено производството во месната индустрија, а намален е и бројот на работници поради тоа.
– И покрај намалената цена на струјата, транспортот остана висок трошок на компаниите од месната индустрија, но поради општествената одговорност на компаниите, во овој период немаше голем раст на цените на производите. Дополнително фармите во овој период не претрпеа никакви загуби во производството додека траеја мерките. Напротив го зголемија производството што говори дека мерката за намалување на царините нема поголемо влијание на нивното работење. Компаниите покажаа општествена одговорност и кога владата повика да се откупи свинското месо за време на ширењето на свинската чума и секогаш кога ќе се појава вишоци на произведено домашно свинско месо.– рече Васко Ристовски од комората.
Тој посочи дека индустријата е принудена да намали дел од работниците поради намаленото производство и зголемените трошоци.
Групацијата бара да се изедначат и критериумите за контрола на квалитетот на месото за да се надмине состојбата нивниот производ, поради одделни критериуми на агенцијата за храна, да се прикажуваат како понеквалитетен од увезените од странство со што се губат купувачите.