Лионел Меси е свесен дека на 36 години се ближи крајот на неговата репрезентативна кариера, но се уште не знае кога точно ќе биде тоа.
Познатиот фудбалер зборуваше за аргентинските медиуми и неизбежното прашање беше до кога ќе игра за националниот тим.
„Искрено, не знам до кога. Мислам дека тоа ќе се случи кога ќе треба. Кога ќе успеете да освоите сè, останува само да уживате. Господ ќе каже кога ќе дојде тој момент“, рече Лео Меси и додаде:
„Логично, поради мојата возраст, сигурен сум дека тоа ќе биде наскоро. Но, не знам точно кога ќе биде вистинското време. Размислувам за секојдневно уживање во се убаво. Не беше лесно да се минат сите предизвици од последните години во репрезентацијата. Имавме среќа да бидеме светски шампиони и да ја освоиме Копа Америка“.
Сега е време за уживање, во секоја смисла, додава славниот Аргентинец.
„Јас сум во момент од кариерата кога уживам во се што ми се случува и многу повеќе ценам се бидејќи знам дека ова се последни години. Но, мислам дека кога ќе се пензионирам и ќе престанам да играм, ќе го ценам сето ова уште повеќе. А особено фактот дека сум светски шампион, тоа останува до крајот на мојот живот, особено во земја како нашата, која толку многу го сака фудбалот и е многу благодарна за тоа достигнување“.
Меси го заврши двегодишниот договор со Пари Сен Жермен и сега се свртува кон нов предизвик во Интер од Мајами. Тој не го сфаќа тоа лесно.
„Мојот менталитет и мојата глава нема да се сменат и ќе се трудам каде и да сум да го дадам максимумот за себе и за клубот, за да продолжам да играм на највисоко ниво. Задоволен сум од одлуката што ја донесов. Подготвени и желни да се соочиме со овој нов предизвик“.