More

    Мерките на владата го нарушија пазарот, трговците профитираат во матно

    spot_img

    Високите цени на храната и најавите дека од овој месец ќе има нови зголемувања и покрај стабилизацијата на цените на светските берзи ја наметнува потребата од реакција на институциите за да не се случи нов раст на инфлацијата и во текот на овој месец и да се сопре непазарното однесување на дел од бизнисите кое се практикува подолг период.

    Владата најави анализа на состојбата и испитување на можноста за неконкурентно однесување на компаниите и на трговците. Бизнисот, пак, се правда дека новите цени се резултат на порамнувањето и на повисоките цени на репроматеријалите од увоз.

    Економисти велат дека брзото покачување на цените кога суровините и другите трошоци во светот растат и бавната реакција кога светските цени паѓаат е резултат на нарушениот пазарен систем во земјава и обидот на дел од бизнисите да профитираат во таа меѓусостојба. Дел од вината за состојбата, според нив, лежи и во мерките кои ги презеде владата за зауздување на цените, со што се нарушија пазарните законитости што пак отвора место за манипулации на трговците. Тие очекуваат добра анализа на состојбите од страна на владата и засилени контролни мерки. Но, засега ништо од тоа не се случува.

    Единствена оправдана причина за зголемувањето на цените може да биде растот на платите?!

    Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи ја гледа причината за ваквата состојба на македонскиот пазар во малиот и нефункционален пазар на земјава.

    – Големите пазари брзо реагираат на секоја промена на побарувачката и понудата затоа и побрзо се чувствуваат тие промени во цените. Кај нас пазарот е мал и нефункционален односно е нарушен системот понуда-побарувачка и секоја промена се чувствува задоцнето. Трговците често го користат тоа и ги зголемуваат цените пред да се променат условите на пазарот, односно ги пресретнуваат промените на побарувачката. Тоа резултира со повисоки цени иако побарувачката опаѓа, а понудата расте – вели Димитров.

    Според него, циклусот од резерва до продажба во прехранбената индустрија не е толку голем за да не може производителите да реагираат на промените на цените на суровините кои се случуваат во светот.

    – Во прехраната циклусот поради кусиот рок на траење на суровините е најмногу 2 до 3 месеци што говори дека тој циклус не може да биде причина за честите промени на цените нагоре. Ако, пак, сметаме дека увозните цени се причина за повисоките цени, сметам дека тие не се виновни за растот на цените, туку тоа што немаме примарно производство од каде што би се обезбедиле суровините. Ние го уништивме земјоделството преку неправилно насочени субвенции и откупна политика. Се субвенционираше без да се знае дали земјоделецот употребил соодветна прихрана или соодветни мерки на заштита, односно се субвенционираше без да се бара зголемено производство и приноси. И така се доведовме во состојба да го увезуваме и она што можеме да го произведеме дома, а цените да ги диктира друг – вели Димитров.

    Според него, единствена оправдана причина за моменталното зголемување на цените може да биде само растот на платите.

    – Единствена оправдана причина за зголемување на цените е зголемувањето на платите кое се направи без зголемување на продуктивноста. Прво со зголемувањето на минималната плата па потоа и со недостигот од работници за што компаниите беа принудени да прават повисоки трошоци за да ги задржат работниците, но продуктивноста им опаѓа, што се пресметува во цената на производот. Но такво оправдување јавно не е презентирано и сè се сведува на увозните цени кои моментално се стабилни – вели Димитров.

    Тој смета дека удел во оваа ситуација имаат и мерките на владата, но смета дека во одредени моменти се потребни вакви мерки само за основните производи за да се задржи стандардот на граѓаните, но не и на другите прехранбени производи.

    – Неоправдано е да се замрзнуваат цените на храната која се нарекува луксуз. На пример, добро е да се држи на одредено ниво цената на лебот, но не на пример на „смоките“ или такви слични производи кои не се неопходни за исхраната. Тие цени треба да се формираат на пазарот – вели Димитров.

    Што прави Царината?

    Маријанчо Николов смета дека бавната реакција во однос на промената на цените на храната е резултат на потребата да се профитира од одредена состојба која не е добра и за самите производители и трговци бидејќи на долг рок тоа ќе биде лошо за самите трговци.

    – Гледано од аспект на светските цени на храната кои се стабилни подолг период, какви што се и цените на енергенсите, неоправдани се новите зголемувања на цените на одделни прехранбени производи. Сега трговците и компаниите преку неоправдано зголемените цени очекуваат и повисок профит, но на долг рок тоа ќе се одрази негативно на нивното работење. Ќе се доведат во ситуација да нема кој да им ги купи производите, а државата може да очекува силна реакција на граѓаните – вели Николов.

    Тој очекува институциите да ја вршат работата и да реагираат навремено, а не само преку декларативно барање да се направат контроли.

    – Државата не треба да прави најавени контроли туку ад хок со кои ќе утврди што се случува. Тука е и Царината која може да даде информација за увозот на суровините и нивната цена во моментот на увозот. Тоа овозможува да се прави проверка колку тие цени се вградени во новите цени на производите и дали е тоа реално. И во однос на платите може да се направи проверка колку овие компании ги зголемиле платите на работниците во овој период и го вградиле тоа во цените. Со еден збор очекувам институциите не само декларативно да кажуваат дека се за слободен пазар и конкуренција, туку тоа и да го спроведат – вели Николов.

    Брзо растат, бавно паѓаат

    Со бавната реакција на домашните бизниси на промените на светските пазари деновиве се позанимава и Институтот за економски политики Фајненс тинк. Нивната анализа потврдува дека бизнисите брзо реагираат кога треба да ги зголемат цените, а бавно или воопшто не реагираат кога цените паѓаат.

    – Анализата на трансмисијата од месец во месец укажа дека кога глобалните цени растеа, тие се пренесуваа и од производителите и од трговците, но со многу позасилен интензитет од трговците. Кога глобалните цени опаѓаат, преносот врз македонските цени беше главно оневозможен и од производителите и од трговците, со тоа што повторно улогата на трговците во отпорот цените да се намалуваат беше значајно поголема – заклучуваат од Институтот.

    Оттаму сметаат дека линеарните мерки кои ги презема владата можат да влијаат на бавната реакција на бизнисите во однос на намалување на цените.

    – Линеарните мерки, како што се намалување на повластена стапка на ДДВ, замрзнување на цените и трговските маржи, како и ослободување од царински давачки, можат да влијаат врз намалување на ефектот на трансмисија на цените на храната. Според ММФ, потребно е да се овозможи соодветна сигнализација на потрошувачите и производителите, со оглед на тоа што ограничената трансмисија може да нанесе поголем притисок врз помалку развиените економии со ограничени фискални капацитети. Во таа насока, фискалната политика треба постепено да ја намали поддршката за линеарни мерки, и подобро да ги таргетира сите преостанати мерки со цел да дозволи домашните цени да ги одразуваат ценовните сигнали – се вели во анализата.

    Владата соопшти дека веќе ја анализира состојбата и размислува за тоа што ќе направи за да се регулираат цените и да се запре осиромашувањето на граѓаните.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img